Нема поубаво хоби од пишаниот збор, да се искажуваш преку пишување, а тоа да ти е задоволство кое ти ја исполнува душата. Таков е и Илијан Кузманов, кому Бугарија му е татковина, но ја имал можноста да го прошета светот, да живее во Канада и Англија и да се запознае со многу различни култури. Притоа во пишан збор да ги забележи импресиите кои ги има од неговите патешествија. Илијан засега има напишано само две книги, од кои првата „Ако го сретнеш Буда убиј го“ може да се најде и во македонските книжарници во Скопје, во Академска книга и во Икона. Задолволство е да се разговара со прошетан човек, полн со искуства од средби со различни луѓе, кои може да ти го сменат животот. Токму тоа е суштината на првата негова книга.
-Мене пишувањето ми е хоби, не го разбирам како професија, туку задоволство. Токму и книгата зборува за задоволството, задоволство од пишување. Можеби и тоа е една од основите на насловото на книгата „Ако го сретнеш Буда убиј го“. Станува збор за еден клан од будизмот, кој е изграден на дијалог меѓу учител-ученик и во еден момент учителот го провоцира ученикот и му вели: Ако го сретнеш Буда убиј го. Ученикот вели- како така, па јас животот сум си го посветил на учењето за Буда, а ти ми велиш ако го сретнам да го убијам. Што, пак, значи дека ученикот треба да има сопствено мислење, треба да мисли, не само да го слуша тоа што му го кажуваат. Треба да може да расудува, да има критичко мислење, нешто кое е многу важно и за пишувањето. Пишувањето за мене е нешто кое може да ти претставува големо задоволство, да ти дозволи да се ослободиш од доста нешта и да можеш да се изразиш себе си. А она кое јас го гледам е што сме ја изгубиле способноста да си зборуваме. Долго време сум надвор од Бугарија и сега кога се вратив забележав дека тие сакаат лугето да ги слушаат нив, но не сакаат да слушаат тоа што им се кажува. Сакаат да го кажуваат тоа што го мислат, но не ги интересира другите што кажуваат. Едноставно изгубена комуникација меѓу луѓето.
Колку Вие го учите Буда или во книгата го искористи само името?
-Будизмот го знам од патување, од учењето историја во Канада. Се обидував да учам историја на религиите, имам мал бекграунд. Но, за Будизмот знам од времето кое го поминував во Азија, нештата кои ги видов таму. Будизмот за важните нешта од животот вели дека животот е страдание, но дека за тоа причина е што ние луѓето сакаме многу нешта. Дека ние во животот сакаме толку многу нешта што и не се толку важни. Повеќето од нив се потпрени на материјалната страна на животот. За жал не ја бараме вистинската страна во животот која може да ни овозможи поголемо задоволство. Предметите се кршат, ние ги фламе, а тоа личи на некој начин и на нашиот однос кон луѓето. Човекот наспроти нас го доживуваме како предмет, кој по одредена употреба, кога ќе ни омрзне, го фрламе во ѓубре. Ние се интересираме само од „јас, јас и само јас“. Будизмот има еден многу интересен дел кој јас се обидувам да го разглобам, а тоа е егото. Многу луѓе велат дека ние сме станале многу големи егоисти. Да, човек треба да се бори со своето его. Но, има два типа на его – едното е тоа кое се гради од општеството, тоа е социјалното огледало кое ние сме го формирале и токму тоа социјално огледало нам ни пречи за бидеме срќни. Нас повеќе не интересира што ќе каже другиот, дали ќе се допаднеме. Не мислиме за себе, туку за други. Тоа на некој начин не е егоизам, бидејќи ние не мислиме за нашето его туку за туѓото. Кога во будизмот се кажува дека ти треба да се избориш со егото, да се откажеш од него, имаат в предвид дека треба да се откачиш од социјалното его, а да се најдеш себе си. А по патот за пронаогање на себе си, го пронаоѓаш вистинското его, виистинското јас, вистинската радост. Е тоа е содржината на поглемиот дел од книгата. Губењето на социјалното его и пронаоѓањето на вистинското его.
Дали инспирацијата за книгата е лично искуство?
-Да. Книгата е поделена на два дела. На крај има текст, првиот текст кој го напишав. Тоа се случи на моето првото патување во Азија, каде ми се случија многу интересни нешта и кои ме натераа да почнам да пишувам, да се изразам себе си.
Што променивте на себе?
-Можеби точно тоа, почнав да го убивам другото его, почнав да го барам вистинското во себе си, она што мене ми претставува задоволство. Не можам да кажам дека потполно сум го постигнал, но почнав да мислам за тоа што ми носи среќа, задоволство, што ми е важно, а што не во животот.
Дали „Убиј го Буда е второто его“?
-Дури и тоа, да. Во тој момент во кој се замислуваш за нешатата, всушност почнуваш да мислиш сам, не да го слушаш тоа што ти го кажале. Едно е да послушаш некој кој ќе ти каже како и што. Тоа го кажува и учителот во будизмот, дека тој ќе се обиде да објасни некои нешта, но ти треба самиот да ги разбереш.
Зошто луѓето кои сакаат да се пронајдат себе си се вртат кон Буда, како религија, а не кон праволсавието, калицизам, муслимани…
-Такво нешто има и во христијанството. Дури една од божјите заповеди е за да се научиш да ги сакаш другите прво треба да поченеш да се сакаш себе си. Или сакај ги другите како што се сакаш себе си. Така да тоа е истата смисла само е кажано на поинаков начин.
Зошто книгата е на англиски, не на мајчиниот јазик?
-Има и на бугарски, но ете тргнавме со англиски бидејќи сметам дека може да ме разберат повеќе луѓе, бидејќи книгата ќе биде промовирана на цел Балкан.
Дали патувањето придонесе да се сретнеш со многу различни луге, различни култури?
-О да, многу. Тоа е најинтерсното нешто на секое патување. Секој дава различен поглед на се. И разговорите со луѓето не се само разговори, туку да се види како на различни места прават различни нешта.
Што виде на вашето патување на Балканот, кое го нарекуваат „буре барут“. Што мислиш , што треба да направат луѓето на Балкан за да живеат во хармонија?
-Треба да се трудиме да не го оптоваруваме другиот. На животот треба да гледаме малку попросто, да живееме попрост живот. Да не го земаме многу за сериозно.
Колку ви пречи тоа што за Балкан велат дека е ограничен, односно дека луѓето кои живеат во него се ограничени?
-Секогаш можеш да го видиш лошото. Нема место на кое нема лошо. Па не е важно каде си, Америка, Канада, Тајланд или било каде. Секаде има лошо. Ама секаде има и убави нешта. Од нас зависи како ќе ги гледаме работите. Важно е да си пиеме кафе, да ни е интересен разговорот, да не се оптоваруваме. Материјалното дава задоволства, но треба да го употребиме како инструмент за задоволство. Не ние да му робуваме на него, туку тоа да ни е роб на нас.
Може ли еден ден ова хоби да Ви стане вистинска професија?
-Јас не сакам да ми биде професија, туку задоволство. Не сакам да гледам на ова како на бизнис. Не сакам на никаков начин пишувањето да го гледам како професија и како нешто од кое треба да заработувам. Да си писател во Бугарија, да си по професија писател е нешто жестоко, многу малку луѓе можат да живеат од пишувањето. Сакам да ми е хоби, да ми биде задоволство и сакам еден ден да сум како Хемингвеј, наутро да седиш во еден бар да пиеш мохито, вечерта во друг бар да го пиеш, и по некои време да си пишуваш импресивни нешта. Тоа ми е желба.