Лестер Медфорд и Џејмс Вудард пристигнаа во МЗТ – ММС
ММС

Објавено на: 08/15/18 12:52 PM

Лестер Медфорд и Џејмс Вудард пристигнаа во МЗТ

Македонскиот кошаркарски вицепрвак МЗТ Скопје Аеродром денеска официјално ги почна подготовките за новата сезона и тоа во комплетен состав откако во престолнината пристигна и квартетот странци.

Американците Лестер Медфорд и Џејмс Вудард пристигнаа доцна синоќа, а нешто претходно во Скопје се појавија и Хрватот Иве Иванов и Србинот Андрија Бојиќ, кој и лани беше дел од тимот.

Четворицата вечерва ќе му се стават на располагање на тренерот Ѓорѓи Кочов, кој изминативе десет дена неформално работеше со домашните кошаркари.

– До недела ќе се тренира во салата „Јане Сандански“, а веќе в понеделник тимот ќе се пресели во Маврово каде што ќе ги одработи базичните подготовки. Кочов планира одигрување на најмалку шест пријателски средби до почетокот на сезоната, од кои веќе начелно се договорени по две со Гостивар и бугарски Левски Лукоил. Бугарскиот шампион, ако се остане според планот, кон крајот на месецов ќе гостува во Скопје на два меча од кои едниот најверојатно ќе биде од затворен карактер, инормираа од МЗТ.

МЗТ Скопје Аеродром првиот официјален натпревар од новата сезона ќе го одигра на 27 септември на домашен терен против словенечки Хелиос во регионалното натпреварување АБА 2 лигата.