Сојузот на средношколци ја поздравува одлуката на Министерството за образование и наука и Владата учебната 2021/2022 да почне со физичко присуство (и) за средношколците, напомнувајќи дека и минатата година тие бараа комбинирано учење. Апелира до сите средношколци да ги почитуваат протоколите кога училиштата ќе бидат отворени.
– Крајно време е образованието да биде ставено на пиедестал над останатите општествени активности. Колку што е важен квалитетот на образовниот процес, толку е важно и здравјето на средношколците. Затоа ги повикуваме сите средношколците да ги почитуваат здравствените протоколи како единствен и најдобар начин да се заштитат, соопшти Сојузот на средношколци.
Посочува дека на состанок со министерката за образование и наука Мила Царовска во средата дале предлози на утврдените протоколи за да се зголеми нивото на безбедност во училиштата. Тие се однесуваат на редарската служба која треба да биде ангажирана и во училиштата внатре, на крајот од секоја смена да се дезинфицираат површини и предмети кои се изложени на допир и училиштето да изготвува листа на сите површини кои треба редовно да бидат чистени и им се препорачува на учениците храната да ја набавуваат пред почетокот на часовите и да не го напуштаат училишниот двор за време на одморите.
– Успеавме да постигнеме заедничко решение со МОН околу овие три точки. Доколку се влоши пандемиската ситуација и моделот на настава ќе треба да се промени, Сојузот на средношколци ќе ја претпочита комбинираната настава отколку наставата од далечина, наведува Сојузот на средношколци.
МИА