Беше помодрена, без знаци на живот, мислев само како да ја спасам: Д-р Елена од Струмица и даде вторa шанса на жена, која се удавила во Дојран – ММС
ММС

Објавено на: 08/19/21 2:54 PM

Беше помодрена, без знаци на живот, мислев само како да ја спасам: Д-р Елена од Струмица и даде вторa шанса на жена, која се удавила во Дојран

Да имаш неполн месец лекарски стаж и да вратиш во живот човек, кој веќе ги затворил очите е голема работа. Не само заради неискуството, туку и заради присебноста на младиот лекар во тие моменти, кој допрва зачекорува во светот на медицината. Но, кога се сака професијата од срце, кога си подготвен да одговориш на предизвиците ништо не е тешко.

Таков е случајот со младата лекарка Елена Китанова (25) од Струмица, која неполн месец како е вработена во Струмица, а веќе е со ангажман во абулантата во Дојран, каде се случил настан, кој ќе го памети цел живот. Доктор Елена спасила жена, која се удавила во водите на Дојранско езеро, но таа со реанимација ја вратила во живот.

-Се случи минатата среда попладне. Јас бев дежурна во амбуланта, дотрча едно дете и рече- имате давеник. Веднаш се стрчавме со колегите, жената веќе беше извлечена, ја извлекол некој повозрасен човек и не даваше знаци на живот, ниту пулс, ниту срцева реакција. Прво прашав дали и е дадена прва помош и кога ми рекоа-не,  веднаш почнав со реанимација. Жената беше помодрена, со помодрени уста и без никакви знаци на живот. Јас веднаш почнав реанимација со масажа на срце и вештачко дишење. Жената по некое време почна да исфрла вода од устата. Не знам колку време траеше, бидејќи само мислев дека треба да ја вратам во живот. Јас мислам дека направив 4-5 циклуси реанимација.  Се освести, беше како поспана, а можно е и дополнително од сонцето да била истоштена. Сама беше на плажата и не знаеме  како се случило тоа.

Ја одведовме во амбуланта и потоа ја транспортиравме во Гевгелија, заедно со колегите Иванка Аџипроданова и Александар Ризов. Секако дека ја прашувавме како се случило, но таа одбиваше да каже било каков коментар за настанот, не сакаше да зборува.  Затоа и не знам што се случило понатаму, освен што утредента ја пуптиле од гевгелиската болница. Сепак, најважно од се е дека е добра,  има само 36 години, од Струмица е, рече Елена за ММС.

Елена пред да се вработи била на платена пракса шест месеци, работела во брзата помош во Струмица.  Таа е дел од двете екипи од Струмица, кои се работно ангажирани во Дојран  и секој втор ден патува. Во моментот кога се случил настанот, секако дека била под стрес, но е среќна што останала смирена и што и помогнала на жената.

-Јас во тој момент го користев само знаењето што го имам и моите раце. Друго немав со што. Искрено на почеткот навистина беше стресно, но  среќна сум што ја спасив. Важно жива и здрава ја испративме во Гевгелија, вели Елена.

Во време кога секој млад лекар ја користи шансата да побегне од државава и да замине во некоја од западноевропските држави за подобар живот Елена вели дека не се гледа, барем засега, на тој пат.

-Не се гледам во странство, туку се гледам на специјалиација. Сакам да специјализирам кардиологија. Па ќе видиме што ќе се случи. Тоа ми се палновите. И нема потреба да ми се заблагодаруваат лугето, не сакав да ме има по медиуми, не го направив ова за публицитет, туку го направив она што ми е должност, ни рече скромната докторка.

(В.М.)