Македонија успеа да се пласира во главната рунда квалификации за Светското првенство во кошарка во 2023 година и покрај поразот од Словачка од 88:72, но селекторот Драган Бајиќ беше бесен на македонските репрезентативци.
На еден тајм-аут селекторот кој е и тренер на Игокеа од БиХ, мораше да им се развика на кошаркарите поради лошата игра, а неговиот говор го слушна цел балкански регион.
“Вие немате памет за овој спорт! Ало, ти немаш памет, дали ти е јасно. Кој мозок може ова да го направи. Каков е овој шут. Не сакам да игратие вие за поени болан. Кои сте бре вие, алоо! Никој одбрана не игра, овој ќе погледне и шут кош. Што ти правиш, те прашувам, што бре?“, викаше Бајиќ на своите избраници.
Жестокиот говор ги мотивираше кошаркарите и до крајот барем успеаја да ја сочуваат разликата од првиот дуел кога славеа со 69:47. Благодарение на тој триумф и победата над Швајцарија со 67:61, Македонија избори пласман во осмиот шешир на ждребот во кој се наоѓаат Шведска, Португалија и Словачка.
Во првиот шешир се Србија, Шпанија, Франција и Словенија.
фото: КФСМ