Јапонија ја потврди поддршката за независна држава Палестина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Поддршката на Јапонија за дводржавно решение останува непроменета“, рече министерот за надворешни работи Тошимицу Мотеги на состанокот со палестинскиот претседател Махмуд Абас за време на официјалната посета.
„Јапонија го поддржува правото на самоопределување на палестинскиот народ, вклучително и идно независно државно формирање на Палестина“, стои во соопштението на јапонското Министерство за надворешни работи.
Мотеги е на регионална турнеја до 24 август, која вклучува посети во Турција, Египет, Палестина, Израел, Иран, Јордан и Катар.
„Јапонија даде повеќе од 2,1 милијарда долари за помош на Палестина од 1993 година“, рече министерот.
„Јапонија ќе продолжи да ја поддржува Палестина која се соочува со долгогодишни конфликти и неволји во услови на пандемијата на Ковид-19“, додаде тој.
„Мотеги го ‘цени’ фактот што прекинот на огнот меѓу Палестина и Израел во голема мера се одржува од мај, изразувајќи „надеж дека засегнатите страни ќе спроведат конкретни мерки за ублажување на тензијата и враќање на довербата под водство на претседателот Абас“, се додава во соопштението.
Абас изрази благодарност за помошта на Токио за Палестина и вети дека „Палестина ќе ја продолжи тесната соработка со Јапонија во сите аспекти“.
Тој, исто така, ја пренесе својата решеност да ги реши прашањата со Израел на мирен начин.
„Двете страни, исто така, разменија мислења за ситуацијата во врска со Кина и Авганистан, меѓу другото“, се додава во соопштението.