Реконструкцијата на Универзална сала многукратно најавувана од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, која требаше да биде најголемиот капитален проект од областа на културата и веќе одамна завршена, никако ни да започне. Гледајќи ги околностите поврзани со Универзална сала се чини дека не исполнетото ветување и многуте невистини и лаги пренесени на јавноста, околу овој проект се најмал проблем, велат од опозициската партија Левица.
Според нив, иако постоеле силни притисоци од јавноста, пред се’ од стручната фела и лицата кои најмногу ги таргетира овој проект, Град Скопје никогаш не распишал конкурс за идејно решение за реконструкција на Универзална сала. Наместо, ова Шилегов обезбедил готов проект преку донација од Мегарон Инженеринг.
-Мегарон Инженеринг се автори на проектот „КАТНА ГАРАЖА – СУДСКА ПАЛАТА”, дел од проектот „Скопје 2014″, а истите сега се јавуваат како „донатори” на проектот за Универзална сала. Со оваа постапка Шилегов, уште еднаш покажа дека кога се во прашање интересите на капиталот, локалната власт на СДСМ и ДПМНЕ одлично соработуваат. Ваквите „затворени за јавноста” постапки и избор на решение за кое никогаш не била консултирана стручната јавност укажува само на едно – дека изгледот на градот не е тема на дискусија и дека за истиот одлучува градската администрација заедно со донаторите, а не стручната јавност. Оваа градска власт, како и претходната, работи со комплетна исклученост на јавноста и во таа насока – ништо не е променето. Универзална сала можеби има и поголем потенцијал од ова што е понудено, но за жал тоа никогаш нема да го дознаеме. Секој идеен проект, повлекува основен проект врз база на кој се прават предмет пресметки за чинењето на градежниот зафат. Многу често, проекти се менуваат токму поради фактот дека понудените решенија од страна на архитектите едноставно чинат премногу. Очигледно на Градот му е прескапо да распише конкурс и да ги плати најдобрите решенија, па така остави сомневање дека избраното решение веројатно не е најдоброто и најисплатливо. Иако договорот за финансирање меѓу градоначалникот Петре Шилегов и тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски беше потпишан пред околу 4 години, а средствата од Буџетот обезбедени уште во 2019 година, Универзална сала наместо да биде завршена не е ниту започната. Од нејзина изградба се што досега може да се види е по некој очаен медиумски наслов, направен за гол популизам и дневна политика, стои во соопштението на партијата.
Левица вели дека по промената на власта одговорност за сето ова мора да има.