Доцни мајската плата за приватните специјализанти – тие реагираат со ново писмо до Заев – ММС
ММС

Објавено на: 08/15/18 10:27 AM

Доцни мајската плата за приватните специјализанти – тие реагираат со ново писмо до Заев

Приватните специјализанти повторно испратија писмо до премиерот, Зоран Заев преку кое реагираат дека како што велат, цела генерација на млади доктори е подлегната на дискриминација и е тотално изиграна.

Во своето отворено писмо тие потсетуваат дека постарите генерации на приватни специјализанти веќе добиваат плата за истиот труд како нивиот, додека приватните специјализанти од јанурскиот конкурс годинава немаат земено плата од мај па наваму.

-Напоменуваме дека пред нас претстои тежок финансиски период. Имено, за веќе две недели нé очекуваат трошоци поврзани со уписот на новиот семестар во висина од 67,500 до 80,000 денари поединечно – посочуваат во реакцијата испратена до Заев. Оваа плата за приватните специјализанти доцни, и покрај ветувањето на премиерот Заев дека мајската плата ќе биде исплатена во јуни. Два месеци подоцна ова ветување на Заев не е реализирано, што е една од причините зошто приватните специјализанти сметаат дека максимално е девалвиран трудот кој тие секојдневно го вложуваат на клиниките.

Ветувањето за исплата на мајската плата беше дадено на јавна дебата што пред неколку месеци ја организираше ресорното министерство. Лекарите во денешното писмо посочуваат дека оттогаш оствариле повеќе работни средби со работната група на Министерството, по што целата документација и процедура за подготовка на списоците на приватните специјализанти биле конечно комплетирани. Сепак, на нивно инсистирање тие добиле информација дека буџетот за исплата на нивните ветени плати не постои, односно дека истиот треба дополнително да се разгледува на владина седница.

Не сакаме да веруваме дека ентузијазмот со кој пристапивме и довербата која ја посветивме кон вашето ветување всушност биле залудни. Затоа уште еднаш Ве замолуваме, да ја искористите Вашата позиција и да овозможите правичност и еднаквост за сите доктори на приватна специјализација. Сѐ што бараме е уште една можност за да се исправат грешките и да ставите крај на деградацијата на докторската фела. Молиме за итно решавање и актуелизирање на овој проблем! Денес, кога миграцијата станува сé полесна, важно е да напоменеме – младите не бегаат од државава, младите се принудени да си одат! Не предизвикувајте нé на смели чекори кон светот во кој ќе бидеме вистински ценети и почитувани и каде нема да се лицитира со вложениот труд и нашето трпение – додаваат специјализантите во денешното писмо испратено до Заев.