Ние немаме проблем со вакцинираните, туку со оние кои не се вакцинирани воопшто – изјави Филипче – ММС
ММС

Објавено на: 08/18/21 12:23 PM

Ние немаме проблем со вакцинираните, туку со оние кои не се вакцинирани воопшто – изјави Филипче

Во текот на вчерашниот ден целосно е ставено во функција  Инфективното одделение во болницата „8-ми Септември“, каде има слободни кревети – информира денеска министерот, Венко Филипче. Според него, сега се обезбедува дополнителен простор во делот на интензивната нега.

– Од вчера исто така од попладневните часови целосно е ставена во функција и модуларната болница до Инфективна. Тука обезбедивме екстра кадар во однос на другите клиники. Околу 10 кревети се веќе зафатени, а таа болница има капацитет од шеесетина кревети. Имаме и други капацитети што се спремни, како што е Заводот за рехабилитација во Козле.  Притисокот во болницата во Тетово, според разговорот којшто го имав со директорот во текот на вчерашниот ден, беше нешто спласнат. Ќе видиме денеска и утре како ќе се одвива, рече министерот.

Филипче беше запрашан и за тоа колку од хоспитализираните се вакцинирани со две дози, бидејќи се тврдеше дека вакцинираните се со лесна клиничка слика, но сепак се на Клиника?

-Десетина проценти од сите кои се дијагностицираат во текот на денот се вакцинирани. Исто така, десетина проценти од пациентите кои се хоспитализирани се вакцинирани.  Меѓутоа тоа што охрабрува е дека од вкупната бројка вакцинирни граѓани, а вчера таа достигна 600 илјади, многу малку се дијагностицирани.  Бројката се мери во промили – 0,002. Тоа значи дека главниот проблем е во бројот на граѓани кои не се вакцинирани воопшто, немаме проблем со тие кои се вакцинирани. И во другите земји заболуваат, меѓутоа за 20 пати е помал ризикот од смртен исход ако  заболи некој којшто е вакциниран. Заклучокот за она што ни се случува е дека дефинитивно тоа е единствениот механизам и инструмент кој не само ние, туку и цел свет го има за да се смени сликата за пандемијата, додаде тој.

А за тоа дали треба да се вакцинираат оние што прележале ковид, а во текот на лечењето примале плазма, Филипче објасни:

-Да, апсолутно. После месец дена сите кои прележале болест треба да се вакцинираат без разлика на начинот на кој се лекувале, рече министерот и ги објасни недоразбирањата околу решенијата за изолација на оние граѓани кои ја прележале болеста, но подоцна повторно имале контакт со заразен.

-Тоа е специфично прашање и индивидуално се решава, врз основа на интензитетот на контактот со заразените, податокот дали се вакцинирани, дали се направени ПЦР тестови и после колку време од последниот контакт е детектирано. Оттука, има пристап кој епидемиолозите го анализираат за секој од случаите поединечно.

 

(В.Ми)