Угостителите и граѓаните не успеаја ниту да се соземат од шокот и навикнат на новите мерки за заштита од Ковид кои Владата ги донесе пред десетина дена, но од денес имаат нов шок и ќе мора да ги практикуваат новите поригорозни мерки за влез во објекти.
Од денеска во угостителските објекти, кафулињата, баровите и рестораните, ќе можат да влезат само оние што се вакцинирани со најмалку прва доза вакцина или пак прележале Ковид-19 во последните 45 дена сметајќи од денот на оздравувањето за полнолетни лица, без оглед на капацитетот и бројот на присутни гости.
ММС вчера посети неколку ресторани и кафулиња кои во последните два дена се обидуваа да ги практикуваат мерките кои им дозволуваа да се адаптираат на бројот на гости. Ако во објектот имаше капацитет до 30 лица, мерките не важеа па угостителите решија да работат со намален капацитет иако имаат повеќе место, за да не ангажираат редари на вратите кои би ги проверувале.
– Вие сте двајца така? Чекајте повторно да избројам. Со вас ми е 31 гостин, не може, почекајте секунда. Еве само што станаа тројца гости, може да седнете и ќе бидеме полни. Овие два дена важеше едно правило, од утре друго. Од утре ве примам само со вакцина без разлика на капацитетот на гости. Ако стане гужва, ќе морам да ангажирам и редар кој ќе ги проверува сертификатите. До вчера ги броевме гостите, а од утре ќе ги бараме со боринче затоа што има многу клиенти кои не се вакцинирани – истакна сопственик на ресторан.
Проблеми се јавиле и во банките. Некои клиенти на една од најголемите банки во Македонија не биле пуштени да ги користат услугите на шалтерите затоа што не биле вакцинирани иако во просторот имало помалку од 30 луѓе. По реакциите на клиентите, менаџментот на банката им се извинил за пропустот направен на првиот ден по донесувањето на мерките за заштита.
Како дел од мерките, останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИД – 19 документи.
Орце Костов
фото: Вангел Тануровски