Дел од Водно е прогласено за заштитено подрачје од петта категорија – ММС
ММС

Објавено на: 08/17/21 8:04 PM

Дел од Водно е прогласено за заштитено подрачје од петта категорија

Со одлука на Владата, а по предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, дел од Водно ќе стане заштитено подрачје од петта категорија, се наведува во соопштението од денешната владина седница.

-Со оваа одлука се овозможува зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности; спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите; создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и природното наследство и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа, објаснуваат од Владата.

Во расправата по повод оваа точка Владата донесе заклучок дека останува отворена за дебата и сугестии во однос на предлогот за донесување на „лек специјалис” за Водно како можност за дополнително унапредување на заштитата на Водно.

Од МЖСПП за МИА посочуваат дека планината Водно долго време чекала на добивање на статус на заштитено подрачје, согласно постојното законодавство за заштита на животната средина, кое е единствената алатка за овозможување на ваква правна интегрирана заштита во земјава.

–Работевме напорно за исполнување на нашата обврска за ревалоризација и прогласување на заштитените подрачја како Министерство и се потрудивме да ја обезбедиме максималната заштита согласно законот. Сега следи процесот на подготовка на потребните акти и планот за управување со конкретни мерки, за кои исто така ќе има процес на јавна консултација и ги поканувам експертите и целата јавност да учествуваат во операционализацијата на оваа заштита на вистинскиот начин,  изјави министерот за животна средина на просторно планирање Насер Нуредини по повод донесената одлука, а пренесува МИА.