По победата на Б кадетското европско женско ракометно првенство во Клапеида, Литванија, претседателот Стево Пендаровски попладнево ги прими ракометарките и стручниот штаб на женската ракометна кадетска репрезентација – селекција до 17 години (У17), селекторот Љубомир Савевски и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, информираат прес-службата на претседателот.
Честитајќи им го големиот успех, претседателот Пендаровски истакна дека нивните постигнувања влеваат надеж за иднината на женскиот ракомет.
-Навистина имаме со што да се гордееме. Вашиот успех е и наш, национален успех. Посакувам да ја задржите меѓусебната кохезија, да се почитувате и да бидете пред се, најдобри другарки. Од мене имате целосна поддршка, им порача претседателот Пендаровски на младите ракометарки.
Со победата на Б кадетското европско женско ракометно првенство, ракометарките обезбедија место во највисокиот ранг на наредните европски првенства за младинки и за кадетки, како и настап на светското првенство.
На шампионатот во Литванија, 14-годишната Ива Младеновска беше прогласена за најкорисен играч, а во најдобриот тим, покрај неа, се најдоа и Теодора Дуковска и Марија Јовановска.
Фото:
Press President.mk