Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за криминалистичка полиција при МВР денеска го лишија од слобода Д.Ф.(57) од Куманово и до Основното јавно обвинителство Куманово е поднесена кривична пријава против него.
-Тој се товари за сторено кривично дело „поттикнување на кривично дело убиство“ по чл.123 став 3 а в.в со член 23 од Кривичниот законик. Во периодот од април до август 2021 година, Д.Ф., во врска со сообраќајна незгода која се случила во 2020 година, поттикнувал лица за парична награда да извршат убиство над неколку лица. Исто така, во наведениот период пријавениот во повеќе наврати на лицата кои ги поттикнувал да го извршат кривичното дело „убиство“ им се заканувал со огнено оружје со цел да го извршат кривичното дело. Д.Ф. во текот на денот ќе биде изведен пред Судија на претходна постапка, информираат од МВР.
Кумановци велат дека за да дојде до ова претходело нетрпение, поради сообраќајна назгода во која животот го загубила ќерката на Д.Ф.
-Минатата година тој ја загуби својата седумнаесетгодишна ќерка во сообраќајна несреќа. Вината несреќниот татко ја префрлува на возачот, дваесетгодишно момче од Куманово со кое неговата ќерка од забава се враќала од Скопје кон Куманово. Сообраќајката ја зовре омразата меѓу двете финансиски моќни семејства во Куманово. Неодамна имаше уште еден инцидент, за кој информираше и МВР. Сопругата на сега приведениот имаше поднесено пријава дека сведок на сообраќајната несреќа ја следел со автомобил, а друг ѝ го попречил патот и ѝ упатил закани, велат добро информирани од Куманово.
Судскиот процес за сообраќајната несреќа во која загина седумнаесетгодишна девојка сѐ уште е во тек.
(Н.И.)