Од први септември во образовниот систем за прв пат од страна на државата ќе бидат ангажирани 500 образовни асистенти што ќе обезбедат поддршка за учениците со попреченост вклучени во редовната настава
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска по денешната обука наменета за образовните асистенти кои беа избрани на конкурсите за вработување што минатиот месец ги спроведоа петте основни училишта со ресурсни центри во државата, а која се одржа во ОУРС „Иднина“ во општина Чаир.
„Верувам во капацитетите и квалитетите на новите стручни соработници кои во новата учебна година ќе им помагаат на наставниците и на инклузивните тимови во работата со учениците со попреченост, но и ќе работат со сите останати деца во училниците заради подигнување на свеста и прифаќањето на оние кои имаат посебни образовни потреби. Ова е најдобриот начин за да ја подигнеме инклузивноста на образовниот систем и да обезбедиме еднакви образовни можности за сите ученици“, рече Царовска.
По завршувањето на обуките за образовните асистенти, како што информираше Царовска, и наставниците од училиштата каде има запишани ученици со попреченост ќе поминат обука за инклузивно образование, а во моментов во тек се и обуки за инклузивните тимови во училиштата кои ги спроведуваат партнерски организации од граѓанскиот сектор со финансиска поддршка од ЕУ.
Образовните асистенти се вработени во петте основни училишта со ресурсен центар и тоа по 130 во „Златан Сремец“ и „Иднина“ од Скопје, додека по 80 во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ од Битола, „Климент Охридски“ од Ново Село и ОУРЦ „Маца Ѓоргиева Овчарова“ од Велес“.
За спроведување на услугата „образовна асистенција“, односно за ангажирањето на образовните асистенти преку буџетот на МОН за 2021 година обезбедени се 59 милиони денари, а дополнително основните училишта со ресурсни центри добија 2,5 милиони денари за набавка на опрема и дидактички средства во функција на поддршка на инклузивното образование.