Пандемијата за децата донесе поголемо малтретирање на интернет: Симптомите на депресија на неочекувано високо ниво – ММС
ММС

Објавено на: 08/17/21 11:23 AM

Пандемијата за децата донесе поголемо малтретирање на интернет: Симптомите на депресија на неочекувано високо ниво

Пандемијата со ковид-19 го зголеми малтретирањето меѓу децата во интернет просторот. Некои од нив се жртви, како и предмет на потсмев поради тоа како им изгледаат домовите, кои можеле да ги видат сите нивни соученици за време на онлајн наставата или пак, поради уредите кои ги користеле на часовите. Етикетираните деца најчесто доаѓаат од семејства со низок социјален статус – покажува најновото истражување на Детската амбасада Меѓаши. Податоците за истражувањето се собрани во текот на изминатите два месеца.

Дигитално насилство доживеале 37% од учениците во основно училиште и 66% од средношколците. Вкупно 22% од децата од основно училиште и 30% од средношколците виделе или слушнале дека нивните врсници страдаат од дигитално насилство – покажува истражувањето.

Според Меѓаши, малтретирањето во онлајн околината е зголемено особено на сајтовите за социјални медиуми, игри и апликации за пораки.

Освен тоа, децата се малтретирани затоа што имале или имаат членови на семејството со КОВИД-19.

„Кога ги прашавме децата што значи дигиталното насилство, тие рекоа дека имаат групи на Вибер во кои се договораат пред писмена или испрашување и некои деца биле исклучувани од тие групи. Значи учениците се на тој начин етикетирани, па некои деца кажуваа дека им се потсмеваат како им изгледаат домовите, особено оние кои се од семејствасо низок социјален статус. Некои од децата добивале и приватни коментари во текот на наставата“, изјави на денешната презентација на наодите од истржувањето универзитетската професорка, Софија Георгиевска.

Според неа, дружбата на училиште е нешто што најмногу им недостасува на децата.

-Има многу нешта кои знаат да не’ наежат – смеењето на одмори, смеење во гардеробите пред часовите по физичко образование. Тоа покажува колку дружбата пред пандемијата била силна.

Еден од одговорите вели „најмногу ме погодува кога родителите велат дека сме го изгубиле детството“. Некои од децата се чувствуваат како да изгубиле дел од себе – додаде Георгиевска.

Сепак, како што вели таа, децата сериозно се загрижени за да не заболи или да не почине некој од нивното семејство.
„Најголем дел од грижите на децата се поврзани со училиштето и моментот кога ќе се вратат на училиште. Ме радува што велат дека се загрижени за тоа колку климатските промени влијаат врз здравјето, но сепак имаат и грижи кои се однесуваат на емоционалната сфера дека стануваме се поосамени и позатворени во себе“, истакна професорката Георгиевска.

Симптомите на депресија и вознемиреност зачестени кај децата

Првиот човек на Меѓаши, Драги Змијанац посочи дека 68 отсто од децата се чувствуваат помалку поврзани со нивните другарчиња што им предизвикува осаменост.

„65 отсто од децата кажуваат дека училиштето им недостига како можност да воспостават пријателство и им недостига слобода, што е нешто за што треба да се преиспитме во следниот период“, смета Змијанац.

Некои од учениците кои учествувале во истражувањето во своите одговори го наметнале прашањето зошто кафеаните работат, додека училиштата се затворени. Едно од децата пак, својот одговор го стокмило како писмо до ресорната министерка.

-Драга министерке, сакам да одам на училиште, не да седам дома. Од септември ќе бидам шесто одделение и сакам да ги запознаам новите наставници. Јас сум срамежлива и тие нема да имаат можност да ме запознаат – гласи одговорот на една ученичка која учествувала во истражувањето.

Некои од учениците исто така, побарале креаторите на мерките односно возрасните, да се стават во улога на деца.

Истражувањето покажува дека едно од десет деца имале депресивни симптоми или вознемиреност, односно доживеале непријатни емоционални искуства кои не се очекувани за возраста.

И покрај ова, според невладината организација радува тоа што поради следењето на наставата од далечина, децата станале покреативни во искористувањето на слободното време.

„Очекував дека повторно се пред компјутер или телевизор, но тоа што ја следеле наставата онлајн им овозможило слободното време да го поминуваат покреативно. Гледам дека читаат лектири, вежбаат математика ги шетаат миленичињата. Има голем број од учениците од средно стручно образование и ако досега не можеа да одат на пракса, слободното време го користат да се надоградат како шминка, пракса и слично“, истакна Георгиевска.

Во истражувањето на Меѓаши, учествувале 1231 дете на возраст од 10 до 18 години.

 

В. Ми