Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн ја става под строг карантин целата земја откако во Оукланд, најголемиот град во земјата, е пријавен еден нов случај на коронавирус, прв во последните шест месеци.
Целиот Нов Зеланд од утре ќе биде затворен на три дена, додека Оукланд и приморскиот град Коромандел во кој заразената личност престојувала, ќе бидат затворени во траење од седум дена.
Во согласност со воведениот степен четири и најстрогите правила на заклучување, ќе бидат затворени сите училишта, канцеларии и фирми, а во функција ќе бидат само есенцијалните услуги.
– Најдоброто што можеме да го направиме за да излеземе од ова што е можно поскоро е да вложиме големи напори, рече Ардерн на прес-конференцијата за новинари.
Премиерката истакнала дека властите претпоставуваат оти новиот случај на коронавирус е инфекција со делта сојот, иако тоа се уште не е потврдено. Сепак таа додала и дека можно е да постојат и други случаи.
Последниот пријавен случај на коронавирус во Нов Зеланд бил во февруари.
Нов Зеланд следеше стратегија на спроведување строги мерки и рана идентификација на инфекцијата, која практично им овозможи да ја елиминираат пандемијата, овозможувајќи им на луѓето да живеат без ограничувања, иако меѓународните граници се главно затворени.
Од почетокот на пандемијата, Нов Зеланд има пријавено околу 2.500 потврдени случаи со коронавирус и 26 смртни случаи.
извор:ртв