Во претквалификациите за СП 2023, кошаркарската репрезентација на Македонија издвојува победа над Швајцарија (61:67) и практично обезбеди квалификации за кошаркарскиот мундијал за две години. Избраниците на Драган Бајиќ се „одмаздија“ за поразот од истиот противник во воведното коло и сега само теоријата, односно пораз од 60 поени разлика во последното соочување со третопласираната Словачка, ќе ја оддалечи Македонија од историската шанса наречена квалификации за Светско првенство.
Иако резултатски финалниот скор изгледаше „тесно“, момците на селекторот Бајиќ во текот на целиот меч го контролираа темпото и резултатот и само малиот пад во третата четвртина на момент ги приближи Швајцарците до нови два бода.
Солидната игра во одбрана и ограничувањето на опонентот на „само“ 61 поен, овојпат претставуваше клучна алатка во справувањето со Швајцарците. Во првото полувреме, националната селекција предводена од Адам Мекиќ и капитенот Бојан Трајковски, оствари коректна предност која ја зачува помалку или повеќе до последниот звук на сирената.
Токму Мекиќ со 16 поени, четири скокови и две асистенции и Трајковски со 15 поени, три скокови и четири асистенции, се најдоа на врвот на поентерската листа на овој дуел, додека пак Џејкоб Вајли со девет поени и шест скокови и Бојан Крстевски со 11 поени и седум скокови, им правеа друштво.
Утре на турнирот во Скопје ќе се судрат Швајцарија и Словачка, а задутре Македонија ќе се сретне по вторпат со словачката репрезентација.
Фото:
Facebook / Кошаркарска федерација на Северна Македонија