Долгоочекуваното враќање на еден од најдобрите светски напаѓачи во Челзи, конечно се случи. „Сините“ од Лондон на Интер му исплатија 115 милиони евра и ги донесоа назад на „Стемфорд Бриџ“ човекот коj практично тие му го претставија на фудбалската јавност пред точно десет години.
Ромелу Лукаку од Интер се пресели во Челзи, сега како далеку поискусен, поквалитетен и подекориран фудбалер, подготвен да го води европскиот првак кон нови успеси и титули, како главен човек во нападот на Томас Тухел.
По краткиот задолжителен карантин, откако во четвртокот минатата седмица Челзи и официјално го комплетираше трансферот на дваесет и осумгодишниот Белгиец, популарниот Биг Ром денес за првпат јавно зборуваше за веб-сајтот на екипата од западен Лондон, изнесувајќи интересни детали поврзани со Томас Тухел, неговите лични квалитети, соиграчите и што му значи тоа што сонот наречен Челзи конечно ќе се оствари во јаве.
Запрашан дали бил во контакт со некои од неговите идни колеги во изминатиот период, Лукаку одговори дека разговарал со Мејсон Маунт, Цезар Азпиликуета, накратко и со Хаким Зијеш, кој патем го поканил во заедничката група на интернет апликацијата „WhatsАpp“, но откри и многу интересен детаљ од пред повеќе од една кога и средбата со Каи Хаверц во нокаут-фазата од Европа Лига.
🚨TEAM NEWS🚨
Romelu Lukaku told Kai Havertz to go to Chelsea. #ChelseaExeterTV #CFC pic.twitter.com/9TCQq0phAq
— Chelsea Exeter TV 🏆🏆 (@ChelseaExeterTV) August 16, 2021
-Зборував со Каи Хаверц кога се соочивме во Европа Лига (Интер и Баер Леверкузен), доколку се сеќавате на познатиот разговор и му реков да потпише за Челзи, низ насмевка говореше Лукаку.
Некогашниот младинец на Андерлехт изјави дека во периодот од десет години, тој е целосно променет играч. Играњето во Сериа А, за која Лукаку смета дека е тактички и технички најдобра во светот, му помогнало на белгискиот репрезентативец да се етаблира и стане еден од подобрите на својата позиција.
-Се чувствувам многу покомплетно. Се обидов да ги усовршам сите финеси што му се потребни на еден шпиц и ќе продолжам да ги подобрувам оние мали детали. Сакам само да му помогнам на тимот да победува и да бидам достапен за мојот тренер и соиграчите. Сакам да дадам до знаење дека тие можат да се потпрат на мене во која било ситуација. Разговарав со Тухел пред да пристигнам тука и разговорт беше многу јасен од негова страна. Тој ме сака мене, го сака моето присуство и сака лидер во тимот. Мојата улога ќе зависи од тоа каков е гејмпланот и што сака „шефот“ конкретно од мене. Доколку сака да бидам главен во навалната линија, во ред. Доколку сака да напаѓам простор од позади, го можам и тоа. Ми се допаѓа системот што Челзи го игра и многу сум флексибилен по тоа прашање, вели Лукаку.
Стрелецот број еден во италијанската Сериа А дебито за Челзи ќе го има во недела и тоа во дербито против Арсенал.
[д.ј.]
Фото:
chelseafc.com