Едно од најголемите позитивни изненадувања на Европското првенство, каде што Италија убедливо ја покори фудбалска Европа, Мануел Локатели, летово е предмет на сериозен интерес на црно-белите од Торино.
Јувентус во текот на летниот трансфер период постојано е во контакт со Локатели и неговиот матичен клуб Сасуоло, но иако поранешниот фудбалер на Милан има желба да заигра за најтрофејниот италијански тим, челниците на „старата дама“ не успеваат да се договорат со Сасуоло и да ја платат побараната сума за неговите услуги.
Tрпението на Јувентус според италијанските медиуми е пред самиот крај и до завршетокот на летниот трансфер рок се очекува уште само една понуда на адресата на клубот од Емилија-Ромања. Екипата предводена од повратникот Масимилијано Алегри која во ланската сезона ја испушти шансата по десетти пат последователно да стане првак на Италија, ќе испрати понуда од 35 милиони евра кон Сасуоло.
Аналитичарите во Сериа А сметаат дека Сасуоло нема да си дозволи уште еден незадоволен фудбалер во своите редови и ќе ја прифати финалната понуда на калчо-големецот. Од друга страна пак, растат шпекулациите и за иднината на втората ѕвезда, Доменико Берарди. Милан е во потрага по крилен фудбалер од нападот, а Паоло Малдини го идентификувал Берарди како совршено решение за навалната линија на Стефано Пиоли.
Фото:
goal.com