Денеска во Касарната „Кузман Јосифовски Питу” во Тетово, државните секретари на Министерствата за одбрана на Република Северна Македонија и Словачката Република, Драган Николиќ и Мариан Мајер и амбасадорот на Словачката Република во Северна Македонија, Хенрик Маркуш положија венец со свежо цвеќе на откривањето на спомен плочата на потполковникот на Вооружените сили на Словачката Република, Лубомир Орсаг, кој на 19 јули 2001-та година, кој заедно со уште двајца членови на Мониторинг мисијата на Европската Унија, Бјартен Гундерсен и преведувачот Валон Садику, налетувајќи на мина на планинскиот потег помеѓу Тетово и Гостивар, ги загубија своите животи, информираат од Министерството за одбрана.
Државниот секретар Драган Николиќ истакна дека спомен плочата која е поставена во тетовската касарна е потсетник за тоа колку е скап и важен мирот.
-Со несебичниот придонес на меѓународната заедница, со придонесот на луѓето како Лубомир кои ја платија највисоката цена – го дадоа својот живот, ние денеска можеме да живееме во мирна, безбедна и просперитетна земја, членка на најмоќниот воено-политички сојуз.” Николиќ додаде дека овој споменик е потсетник и за блиските врски помеѓу нашите две земји, Северна Македонија и Словачка и изрази благодарност на словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, за иницијативата и за посветеноста за поставување на ова спомен – обележје кое уште повеќе ги зближи нашите две пријателски и сојузнички земји. Да се сеќаваме на Лубомир и на сите останати кои играа клучна улога во навистина тешки моменти за нашата земја. Сеќавајќи се на нивната жртва, да бидеме уште попосветени на градењето на просперитетна иднина за граѓаните на двете земји, за НАТО – Алијансата, изјави Николиќ.
Државниот секретар на Словачката Република, Мариан Мајер по повод настанот истакна дека оваа спомен плоча ќе биде паметник за потполковникот Лубомир Орсаг кој го загуби својот живот во неговиот обид да придонесе за воспоставување на драгоцениот мир и изградба на функционално мултиетничко општество на оваа територија.
-Сакам да изразам благодарност за тоа што сме тука и што може да ја организираме оваа комеморација за потполковникот Лубомир Орсаг која ја плати највисоката цена за стабилноста на Европа и за стабилноста на оваа прекрасна земја. Истовремено, се надевам дека ова ќе биде место каде што сите ќе си спомнуваме колку се кревки мирот и безбедноста, и колку важно е да се имаат силни партнери и сојузници како што е случајот со Словачка и Северна Македонија, не само во рамките на НАТО, туку и како многу важен партнер од регионот, а наскоро се надеваме и членка на Европската Унија, рече Мајер.
Фото:
Министерство за одбрана