Се одржа дводневна традиционална летна крводарителска акција во Велес – ММС
ММС

Објавено на: 08/16/21 4:40 PM

Се одржа дводневна традиционална летна крводарителска акција во Велес

На дводневната традиционална летна крводарителска акција вкупно 113 велешани даруваа крв. Акцијата се одржа во Ликовен салон во Велес и траеше по седум часа.

Во текот на првиот ден, 15 август, 58  граѓани даруваа крв од кои 14 жени и пет граѓани за прв пат даруваа крв. За време на денешната акција, вкупно 55 граѓани даруваа крв од кои 11 жени и двајца граѓани коишто за прв пат даруваа крв и станаа дел од најголемото хумано семејство во Македонија. Од Општинската организација Црвен Крст Велес, велат дека се задоволни од одѕивот.  

 Ова е многу солидна бројка со оглед на периодот во којшто се наоѓаме, бидејќи е период на годишни одмори, лица којшто се во процес на имунизација и не можат да даруваат крв. Ние сме задоволни од целокупниот одѕив и од целокупното одвивање на оваа акција, рече секретарот на Црвен Крст Велес, Орце Николовски. 

Освен традиционалната летна крводарителска акција се одржаа уште две крводарителски акции. Првата во петок на 13 август во велешката касарна „Алексо Димниевски Бауман” каде 17 припадници на армијата даруваа крв и втората во сабота на 14 август, во Општина Градско кадешто се собрани 35 крвни единици.

Со овие три последни крводарителски акции Општинската организација на Црвен Крст Велес го реализираше годишниот план во којшто испланира собирање на вкупно 1861 крвни единици.  

 

 Стефани Манева