Внимавајте на исхраната и направете план за работните задачи: Како најдобро да се вратите во работниот ритам по искористениот годишен одмор – ММС
ММС

Објавено на: 08/16/21 3:20 PM

Внимавајте на исхраната и направете план за работните задачи: Како најдобро да се вратите во работниот ритам по искористениот годишен одмор

Независно дали денеска е вашиот прв ден на работа по искористениот годишен одмор или пак, сте се вратиле на работното место пред неколку дена – секогаш е исто. Враќањето на работа по одмор, на многумина им паѓа многу тешко. Психијатарот, Невена Чаловски Херцог вели дека првите денови по одморот кај повеќето луѓе се исполнети со чувство дека не се одмориле доволно и дека попрво би останале на одмор отколку да се соочат со обврските.

Луѓето често се жалат дека се чувствуваат немоќно да влијаат на својот живот и да пронајдат задоволство во својата работа. Кога одат на одмор, многу луѓе, често ирационално мислат дека кога ќе се вратат се’ ќе биде како во бајка.

„Соочувањето со реалноста која со себи носи големи ограничувања и фрустрации може да направи да се почувствуваме немоќно“, наведува докторката. И разликата во исхраната во текот на одморот и по него, исто така може да влијае на расположението. Во текот на слободните денови имаме време да се посветиме на себе, да си приготвиме нешто убаво, па затоа тогаш се јаде генерално лесна храна.

„Тргнувањето на работа не вовлекува во круг: Немам време ништо да јадам, одам во првата пекара; Немам време нешто да зготвам, ајде ќе јадам нешто од нога. И така доаѓаме до ситуација во која јадеме штетна и тешка храна“, објаснува специјалистот за исхрана, Верославa Станковиќ.

Колку треба да трае годишниот одмор

Чаловски Херцог вели дека на секој човек му е потребен дневен, неделен и годишен одмор. Последниот треба да трае најмалку 10 дена, а најдобро две недели.

„Потребно е време да направиме дисконтинуитет од секојдневието од кое излегуваме и да се прилагодиме на новиот ритам за да може да уживаме во одморот и да си се посветиме на себе“, истакнува прихијатарот. Што се однесува на храната, треба да се внесува што повеќе сирово овошје и зеленчук. Најдобро би било дневно да имате три оброци и една ужина.

Овошјето и зеленчукот влијаат на расположението и го намалуваат стресот. Богати се со магнезиум, а тој влијае на повеќе од 300 биохемиски реакции во организмот и доведува до опуштање на мускулите.

Крајот на одморот и враќањето во реалноста треба да го почнете со нешто поразлична храна. За идеален појадок доволни се кефир, кисело млеко или јогурт, со што ќе имате чувство на ситост, а тоа може да го комбинирате со овесни снегулки и свежо сезонско овошје.

„Така ќе внесете протеини, масти, јаглехидрати и витамини“, наведува Станковиќ.

На враќањето на работа треба да му пристапите со план, а не веднаш да се „преплавите“ со незавршени и нови обврски. Постепеното и планираното враќање во работниот ритам е многу важно и не треба веднаш да се почне со најтешките задачи. Во текот на денот исто така, треба да одвоите околу 30 минути за одмор, а тоа ќе биде доволно за вашето тело малку да се опушти.

„Ако сте стационирани, прошетајте малку и размрдајте се. Ако пак, извршувате некоја физичка работа, седнете и одморете“, истакнува Чаловски Херцог додавајќи дека е многу важно да се одржува балансот на третина – 8 часа работа, 8 часа сон и 8 часа некакви други активности.

 

Извор: rts.rs