Стапи на сила руската забрана за увоз на праски, производителите ги чекаат анализите – ММС
ММС

Објавено на: 08/15/18 9:24 AM

Стапи на сила руската забрана за увоз на праски, производителите ги чекаат анализите

Од денеска македонските праски со одлука на Русија повеќе нема да се извезуваат на нивниот пазар поради наводно пронајден прасков црв во пратките.

Игор Милошевиќ, претседател на Здружението “Росоманска долина”  вели дека имаат најави од страна на Министерството за земјоделство за решавање на проблемот.

-Значи нас единствен пазар ни е Рускито пазар,после долги години успеавме да воспоставиме контакти со нив,цените беа добри меѓутоа што е позадината на сето ова мене не ми е јасно.Ни останаа триесеттина камиони и сега не знаеме на тие количини што да им правиме,има и други пазари меѓутоа цените се многу пониски. Од Министерството за земјоделие се обидуваат да најдат решение за проблемот,ние сме во постојана комуникација и денеска очекуваме да дојдат купци од Англија, така ни кажаа од Министерството за земјоделство, изјави Милошевиќ.

Милошевиќ вели дека сега за прв пат се сретнуваат со ваков проблем со постоење на бактерија на росоманската праска.

– Очекуваме да се реши проблемот, очекуваме нешто да не обесштетат, ако може нешто да ни платат разлика од цена. Инспекторат излезе на терен, ги утврдија количините, земаа мостри да го видат каков е квалитетот и сега чекаме. Ние веќе 10 до 15 години испраќаме праски на рускиот пазар,досега вакви проблеми не сме имале. Тоа ќе го покажат анализите на лабораториите на Фитосанитарната управа дали иам бактерија или нема, смета тој.

Сопствениците на откупни пунктови од Росоман велат дека три камиони натоварени со праски се враќаат назад. Според нив со враќање на еден камион тие се во загуба до 4 до 5 илјади евра  што за нив е огромна штета,сега праските се даваат за минимални цени само да може да им се исплати на овоштарите а се продаваат на пазарите во Скопје, Косово и Албанија.

Во случајов со росоманската праска се работи за времена забрана на Руската федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола која ја објави на својата интернет страница, а македонските власти за тоа не добија официјално известување. Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, Македонија бара алтернативен пазар за оние праски кои нема да се извезуваат во Русија а како опции ги спомна британскиот, албанскиот и косовскиот пазар. Претставници на британска фирма, денес на пладне се очекуваат да го посетат Росоман за да извршат проценка на родот.

Билјана Тошевски