Целото семејство ми е во голема болка, на целата трагедија сега си имам и нов проблем – вели штипјанец за Македонски медиа сервис, кој се обрати до редакцијата за да раскаже со што се соочува, на неколку дена пред одбележувањето на четириесетдневниот помен на неговиот син.
Неговото име е познато на нашата редакција, на негово барање приказната ја пренесуваме анонимо. Овој родител не може да му направи гроб на своето дете, бидејќи на Градските гробишта во Штип, на погребалната фирма која тој ја одбрал, не и’ е дозволен пристап.
-Имам гробно место, имам дозвола за градба и уплатница од изведувач. Гробовите ги прават изведувачи кои добиваат лиценца на годишно ниво. Мојот изведувач има лиценца, има платено давачки за местото и за градба на споменик. Се чекаше гробот да се направи за да може да се монтира. Во сабота одбележувам помен од 40 дена, а адетот е дека до 40 дена треба да е направен гробот. На нас можноста ни е скратена, бидејќи директорот дал забрана. Каква е таа забрана и зошто – прашува овој штипјанец, според чии сознанија првиот човек на надлежното Јавно претпријатие Исар, дал наредба ништо да не се прави или гради додека тој не одобри.
-Гробната плоча е веќе нацртана, но не може да се стави. Треба на црна земја да одбележуваме четриесетдневен помен. Требаше гробот да се монтира четврток или петок, а веќе е понеделник. Во сабота треба да одбележиме помен – додава ожалостениот родител.
ММС го контактираше и директорот на ЈП „Исар“, Здравко Коцев кој потврди дека на штипските градски гробишта не им е дозволен влез на две фирми, односно два оператора.
„Моментално полицијата води истрага за незаконско работење и повеќе немам коментар. Не можам да коментирам додека нема завршница. Ние поднесуваме пријава и полицијата ќе си каже што има да каже и ќе видиме што ќе се случи. Се работи за двајца оператори и не им е дозовлено да работат таму додека не се расчисти целата ситуација“, кусо посочи Коцев.
Вели дека не може да знае кога ќе се дојде до решение, затоа што не може да прејудицира.
„Имаме одредени сознанија, но тоа ќе си расчистат надлежните. Значи за две фирми имаме сознанија дека имаат незаконски дејствија и не им е дозволено да влезат“, додаде Коцев.
ММС исконтактира и со СВР Штип, со цел да ни кажат до каде е истрагата за ваквиот случај. Сепак, од таму кусо ни посочија дека до овој момент не е поднесена таква пријава.
Фото: Архива / ЈП Исар
В. Ми