Прифатниот центар за странци е наменет за привремено задржување на странци во случаи кога се исполнети условите содржани во одредбите на Законот за странци односно за сместување на странци кои не можат да се отстранат од територијата на државата во рок од 24 часа, од кои било причини, па се сместуваат во него во период од неколку дена, додека да се создадат услови да биде отстранет од земјата.
Моментално во Прифатниот центар се наоѓаат 11 лица, од кои девет мажи и две жени (Гамбија -3, Косово -3, Пакистан -2, Сенегал -1, Турција -1, Португалија -1). Најчесто станува збор за сезонски работници на кои им истекла дозволата за работа или престој, забавувачи во угостителските објекти без пријавен престој во државата, лица кои се затекнале тука без документ за идентификација и сл.
Од МВР за МИА соопштија дека Прифатниот центар за странци нема никаква врска со мигрантите.
-Прифатни центри за странци има во секоја држава и тие апсолутно немаат врска со мигрантите, како што одредени медиуми повремено ја дезинформираат јавноста, пласирајќи лажни вести. За таа намена во државата функционираат два транзитните центра во Гевгелија и Табановце, кои се од исклучиво транзитен карактер и кои немаат никаква допирна точки со Центарот за странци, нагласуваат од МВР.
Прифатниот центар во Гази Баба функционира непрекинато веќе 20 години, а согласно Законот за странци од март 2006 година центарот станува Прифатен центар за странци и од тогаш сѐ уште функционира во истата форма и служи за истата намена.
Според МВР, Центарот во Гази Баба иако е сместен на локација на густо населено место, од неговото отворање, па до денес не е регистриран случај каде локалното население било загрозено од страна на привремено задржаните лица за време на нивниот престој во Центарот, не се регистрирани никакви нарушувања на јавен ред и мир од лицата кои биле времено сместени во него, ниту пак се пријавени евентуални штети по локалното население.
-Првите странски државјани се примени во центарот на 4 април 2001 година и истите беа жртви на трговија со луѓе. Најголем број на привремено задржани лица на годишно ниво беше регистриран во периодот од 2013 до 2016 година, потоа се намалува и во 2020 година (119 лица во текот на целата година, кои останале по неколку дена во Центарот) бележиме најмал бројот на привремено задржани лица, појаснуваат од МВР.
Локацијата во Гази Баба била избрана согласно нејзината тогашна намена, односно категоријата на лица кои требало да бидат сместени таму, за сместување на жртви на трговија со луѓе било неопходно да се обезбеди дискретна и тешко достапна локација, во која лицата ќе бидат сместени во индивидуални простории и примарна цел била нивна заштита однадвор, а не заштита на околината од нив.
Пренамената на Прифатниот центар за странци во 2006 и привременото задржување на странци согласно Законот за странци, според МВР, побарува објект од затворен тип во кој привремено се задржуваат лица и потребно е да поседува инфраструктура која ќе оневозможи самоодалечувања на задржаните лица, нивно соодветно сместување по категории, дополнителни простории и безбедносни елементи, да има лесен и брз пристап до објектот, итн., а истовремено да се овозможат сите меѓународни стандарди за сместување.
-Се правеа обиди овие недостатоци да се надминат со адаптирања и реновирања на објектот, но тоа не беше доволно, па според препораките на бројни меѓународни организации задолжени за заштита на чововековите права, како и од Народниот правобранител како Национален превентивен механизам, нотирана во Посебниот извештај за состојбите во Прифатниот центар за странци во Гази Баба доставен во 2019 година, неопходно беше „Да се преземат конкретни мерки и активности за што е можно побрза дислокација на Центарот во друг соодветен објект”, што практично значеше изградба на нов објект на Прифатниот центар за странци, велат од МВР за МИА, а тоа пак значело отпочнување на континуирано барање начини за дислокација на ПЦС во посоодветен објект кој ќе ги исполнува сите стандарди за престој на лица, но и безбедносните стандарди за нормално функционирање.
Предноста од дислокација на Центарот е тоа што ќе има полесен пристап до и од објектот во било кое време од денот, а тоа предвидува редовни смени на персоналот, транспорт на лицата до копнените гранични премини и до меѓународниот аеродром заради извршување на мерка протерување, транспорт до надлежните судови, до болници… Побрза реакција и пристап при вонредни настани како што се пожари, природни непогоди и слично но и поефикасно функционирање на ПЦС, со намалени трошоци за загревање.
Со цел подобрување на моменталните расположливи услови на постоешкиот Прифатен центар за странци, во тек е изградба на нов објект на Прифатен центар за странци, финансиран со средства од Европската Унија во рамките на Националната ИПА програма за 2016 година, чиј главен корисник е Министерството за внатрешни работи.
Проектната документација, односно целосната постапка околу јавниот повик, финансирањето, изведбата и надзорот на овој ИПА проект, за кој се обезбедени 1.470.724 евра, е во надлежност на Делегацијата на ЕК, а МВР е само корисник.
-Станува збор за еден единствен објект на соодветна локација надвор од населено место, во близина на обиколницата, на неколку километри оддалеченост од населеното место Бардовци. Тој е со ист капацитет како постојниот, кој во целост ќе биде усогласен со меѓународните норми и стандарди, по примерот на исти вакви центри во земјите од регионот. Сместен на североисточната страна од локацијата КП 35, затворен со свој двор, сообраќајници и пристапи, односно затворениот простор е со опфат помал од 20% од целокупната локација која е на располагање, инфомираат од МВР.
Затворен со свој двор, со потполно имплементирани современи мерки во однос на безбедноста. Целокупната локација е обезбедена со безбедносна ограда која претставува надворешен заштитен појас, а освен оваа ограда се формира и втор појас на заштитна ограда околу самиот објект, формирајќи на тој начин сопствен круг околу објектот со свои интерни улици за пристап, со цел беспрекорно функционирање на овој центар како посебна издвоена целина.
МИА