Хеликоптери се вклучени во гаснењето на пожарот кај селото Раовиќ во општина Сарај. Главниот штаб на Центарот за управување со кризи донел одлука да се интервенира од воздух.
Портпаролката на ЦУК, Надица Вчкова на попладневната прес-конференција информираше дека освен хеликоптер на Армијата, во гаснењето ќе биде вклучен и хеликоптер од Црна Гора.
Активен и е пожарот меѓу селата Ракле, Никодин и Топлица во општина Прилеп. Овој пожар, како што информира Вчкова, е на тешко пристапен терен и на него интервенират пожарникари од Територијалната противпожарна единица од Прилеп и вработени во шумското стопанство.
– Очекувањата се дека кон крајот единиците на Армијата, специјалните сили на МВР, лица од Националните шуми и противпожарните екипи целосно ќе го елиминираат овој пожар. На терен беа и четворица американски и седуммина француски експерти кои користат дронови за реално и термално извидување за откривање на потенцијални жаришта на пожар, рече Вчкова.
Под контрола е ставен пожарот кај селото Мелничани во општина Центар Жупа и се прават напори за негово целосно гаснење. Дејствувањето на двата армиски хеликоптери, според ЦУК, било клучно да се стави овој пожар под контрола. Направени се 16 прелети со фрлање на огрона количина вода.
Под контрола денеска е ставен и пожарот меѓу селата Барово и Вешје.
МИА