Градскиот автобуски превоз во Тетово треба да почне од понеделник. Засега се предвидени две рути на движење на петте автобуси со кои располага претпријатието „Тетово транспорт”.
-Предвидени се две линии, од кои едната започнува од автобуската станица и оди на „Индустриска” и кон „Маршал Тито” покрај пазарот се до плоштадот, па на „Илинденска” се до Универзитетот на Југоисточна Европа и назад. За почеток ќе возат четири автобуси на секој половина час. Петтиот автобус е за втора линија од автобуска кон касарна, потоа до стадион, до музичко училиште, плоштад и назад, информира директорот на претпријатието Дарко Спировски.
Ова е почетна фаза на возниот ред, а од претријатието најавуваат дека ќе бидат флексибилни и дека линиите ќе се менуваат согласно динамиката на користење на автобусите и состојбата со сообраќајот на тетовските улици.
Според Спировски, деновиве на пробните возења низ градот се покажало дека автобускиот превоз ќе може непречено да функционира и покрај поголемиот број на сообраќајни предизвици и проблеми со кои се соочува градот.
-Автобусите може да се движат низ градот со одредена специфика на одредени места,каде што треба повнимателно да се вози. Има повисоки ивичници, каде има поголем метеж и кружни текови. Кај музичко училиште е потесен кружниот тек ама со поголемо внимание може да помине. Генерално беше да се види како ќе функционират. Народот се уште не знае па се паркираат пред постојките, но полицијата ќе преземе мерки особено на оние делови каде што треба да минуваат автобусите. Во сообраќајот нема да има драстични промени, па самите услови ќе покажат дали нешто ќе треба да се смени, истакнува Спировски.
Автобусите во Тетово стигнаа уште во јануари годинава. Досега, стоеја во кругот на пожарната и се чекаше формирање на јавното претријатие за градски превоз и утврдување на оперативниот план, ценовник и слично. Еден билет ќе чини 20 денари, а предвидени се повеќе категории за месечни и годишни карти.
МИА