Првиот гол имаше големо влијание, но не заслуживме ништо друго освен пораз, реален е Артета – ММС
ММС

Објавено на: 08/14/21 9:40 AM

Првиот гол имаше големо влијание, но не заслуживме ништо друго освен пораз, реален е Артета

Повеќе од 70 години му требаа на малиот и симпатичен клуб од Лондон да се врати во најдобрата англиска дивизија, а првиот меч на „Брентфорд комјунити“ не можеше подобро и побајковито да започне за нив.

Победа против Арсенал од 2:0, во прекрасна фестивалска атмосфера, „Hey Jude“ и многу солзи радосници.

„Пчелите“ играа храбро и офанзивно против дезориентираниот Арсенал, за кого сезоната стартуваше како и што заврши претходната и без дуото Обамејанг-Лаказет, не претставуваше опасност кон голот на фантастичниот шпански голман Давид Раја. Поранешниот младинец на Ливерпул, Серхи Кањос, по одлична индивидуална акција го совлада Бернд Лено и му донесе водство на својот тим во 22-та минута.

Во вториот дел Арсенал се консолидираше и се пресели во шеснаесетникот на домаќините, но добрата и стабилна одбрана и чуварот на мрежата од Шпанија, не им дозволија на „топџиите“ да се вратат во игра. Наместо тоа, навидум безопасното уфрлање од аут во 73-тата минута, резултираше со погодок на Кристијан Норгард и конечни 2:0. За Данецот, ова беше првиот гол во Англија и првиот гол воопшто по 2017 година.

Тренерот на Арсенал, Микел Артета, изјави огромна разочараност од поразот, но истакна дека Брентфорд сосема заслужено стигнал до трите бодови.

-Разочаран сум, сезоната ја започнавме против добар противник. Мислам дека не заслуживме ништо поинаку. Првиот гол имаше  големо влијание на мечот, не реагиравме добро. За нивниот втор гол, такви работи се дозволени во Премиер Лига. Тоа не можам да го променам, изјави шпанскиот стратег.

За него работата воопшто нема да биде лесна и наивна ниту во следните кола. Второто коло е резервирано за лондонското дерби со Челзи, додека пак во третото коло Арсенал му гостува на шампионот Манчестер Сити.

 

 

Фото:

Twitter /@BrentfordFC

skysports.com