Цели десет години откако за првпат зачекори на „Стемфорд Бриџ“, еден од најдобрите напаѓачи на светот Ромелу Лукаку, повторно се врати во Челзи за рекордни 115 милиони евра кои ќе ги добие италијанскиот првак Интер.
Детето-чудо на Андерлехт, робусниот 16-годишник кој ги „тероризира“ своите врсници во младинските категории, но и во првиот тим на тогашниот белгиски шампион, важеше за еден од најталентираните фудбалери и со физичкиот изглед и начинот на игра сличен на Дидие Дрогба, предестиниран беше за големи нешта и само за еден клуб. И тоа се случи.
Во 2011 година, истата сезона кога тимот од западен Лондон за првпат ја покори Европа, популарниот Биг Ром за 15 милиони евра потпиша договор со Челзи, а веќе следната сезона ја вкуси премиерлигашката слава како позајмен фудбалер во дресот на Вест Бромвич Албион.
Белгиецот инстантно ги оправда очекувања, постигнувајќи 17 погодоци и седум асистенции со само 19 години, во најтешката и најсилната лига, а хет-трикот во последното коло против Манчестер Јунајтед и последниот танц на Сир Алекс Фергусон во професионалниот фудбал, остави навистина посебен впечаток.
Но кариерата на Лукаку во Челзи, особено во тој транзициски период во големецот од Лондон, никако не можеше да се отелотвори. Лукаку беше добар за сите, освен за Вилас-Боас, Ди Матео, Мурињо. Екс-јуниорот на Андерлехт заврши на уште една позајмица, овојпат во Евертон, каде што брилијираше и таквите игри го натераа клубот од Ливерпул и целосно подоцна да го откупи Лукаку од Челзи.
И кога во 2017 година, Челзи предводен од Антонио Конте конечно реши да се искупи за грешката од минатото и да го врати Лукаку, несогласувањата со тогашниот негов агент, Мино Раиола, го преселија Лукаку во Манчестер Јунајтед, додека пак Челзи мораше да се задоволи со шпанскиот напаѓач, Алваро Мората.
По две сезони со „црвените ѓаволи“ и повеќе од 40 голови, Ромелу Лукаку во трансфер вреден 75 милиони евра слета во Милано. Лукаку во Интер се претвори во она што сите го очекуваа од првото негово појавување. Голови, асистенции, совршен со глава, со лева и десна, одличен во тимската игра и градењето на истата. Лукаку се трансформираше во фудбалер кој носи титули и има шампионски импакт. Токму така, Интер во сезоната 2020/21 стана за првпат по една деценија шампион на Италија и погодете што? Лукаку не само што беше нивниот најдобар поединец, туку Лукаку беше и прогласен за најдобар играч во Сериа А.
Тој статус и зрелоста што со себе Белгиецот сега ја носи, ги вкрстија конечно неговите патишта и оние на актуелниот европски владетел и освојувач на Супер Купот. Англискиот гигант вчеравечер го официјализираше Лукаку и во својата промоција користеше материјали добропознати на навивачите на Челзи.
Петнаесетгодишен Ромелу Лукаку од Белгија, кој доаѓа во Лондон, на групна екскурзија на „Стемфорд Бриџ“. Објективот на неговиот пријател, совршено ја доловува желбата и амбициите на младиот фудбалер на Андерлехт и навивач на Челзи, чиј идол Дидие Дрогба во тие моменти го ужива статусот на суперѕвезда на „стариот континент“.
Meant to be. All the best, champ. 🟣⚪ @RomeluLukaku9 @ChelseaFC pic.twitter.com/ERXzj0gbYP
— RSC Anderlecht (@rscanderlecht) August 12, 2021
-Морам да седнам овде. Морам да уживам во моментот. Да сонувам? Јас не сонувам. Еден ден ќе играм овде, ќе видиш. Денот кога ќе заиграм на овој стадион, ќе биде единствениот во животот кога ќе пуштам солза дома, вели Лукаку при посетата на неговиот омилен стадион.
Потребата на човек-егзекутор во навалната линија, нешто кое му недостасуваше на Челзи изминатата сезона, раководството на „сините“ му ја исполни на германскиот стратег Томас Тухел. Брзоногиот напад на Челзи, придружен од Жоргињо, Канте и Ковачиќ и бековскиот англиски тандем Чилвел-Џејмс, ги охрабрува навивачите на лондонската екипа дека ефикасноста во составот ќе се подобри и Челзи ќе ја одбрани титулата во Лигата на шампионите, но ќе го нападне и тронот во домашното првенство на Манчестер Сити.
Dream Believe Achieve
Happy to be back home!
Let’s work@ChelseaFC 💙 pic.twitter.com/k5gAMa8fJS— R.Lukaku Bolingoli9 (@RomeluLukaku9) August 12, 2021
Лукаку во моментот го избра бројот 18, истиот број кој го носеше во својот прв мандат во Челзи. Неговото деби се очекува да биде во второто коло во Премиер Лигата против тимот на Арсенал на „Емирати“.
Ромелу Лукаку и Челзи, едноставно мораше да се случи. И кој вели дека соништата не се исполнуваат?
д.ј.
Фото:
chelseafc.com