Гостивар е третиот град, по Скопје и Тетово, каде ширењето на коронавирусот почнува да зема голем замав. За едно деноноќие регистрирани се 99 новозаразени. Ако бројот на активни случаи на 7 август во овој град бил 176, според последните податоци, сега е 467.
Според статистиката на Министерството за здравство за број на вакцинирани по градови објавена деновиве, Гостивар е градот со најмалку вакцинирани полнолетни граѓани, односно само 19 проценти. Но, со зголемувањето на новозаразени се зголеми и интересот за заштита со вакцинирање во гостиварско, јави дописникот на МИА од Гостивар. Дневно се аплицираат од 300 до 500 вакцини.
Она што ги загрижува здравствените работници од гостиварско е што на голем број пациенти им е потребна хоспитализација. Според клиничката слика, дел од нив добиваат кислородна поддршка, а има и случаи во потешка состојба и тоа се пациенти со други коморбидитети.
-Карактеристично е што станува збор за помлади пациенти, главно под 35 години. Порастот на новозаболени според него е непочитување на мерките за заштита, изјави вчера за МИА раководителот на инфективното одделението д-р Ратко Наумоски.
Покрај Гостивар и натаму продожува да расте бројот на новозаразени во Скопје и Тетово. А Неготино вчера го забележа првиот случај на Ковид-19, по повеќе месеци. Вчера беа регистрирани 639 нови случаи од направени 5.390 тестирања, починати шест лица и 22 оздравени.
Најголем број од активните случаи има во Скопје и Тетово. Во Скопје има 1257, а во Тетово 864. Следи Гостивар со 467, Куманово – 222, Кичево – 193, Струмица – 124, Битола – 90, Струга – 83, Охрид – 75, Дебар – 81. По подолг период во Неготино регистриран првиот случај на заразен со коронавирусот. Уште пет градови се без ковид и тоа: Богданци, Крушево, Демир Хисар, Кратово и туристичкиот Дојран.
Министерството за здравство вчера информира дека бројот на аплицирани дози вакцини во земјава надмина милион. Со засилување на четвртиот бран и најавените рестриктивни мерки, интересот за вакцинација од пред два дена е значително зголемен. На вакциналните пунктови и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 561 912 граѓани. Вчера вкупно се вакцинирале 16 020 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.016.700 дози вакцини, а ревакцинирани се 454 788 граѓани, соопшти Министерството за здравство.Со последните бројки барем една доза вакцина примиле: 66 проценти од населението над 70 години, 64 отсто над 65 години, 60 отсто над 60 години и 50 отсто над 50 години.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.
Центарот за јавно здравство (ЦЈЗ) ќе ги спроведува здравствените протоколи за денешното одбележување на 20-годишнинаната од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, соопшти вчера првиот вицепремиер и министер за полтички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, додавајќи дека за ова прашање го контрактирал и министерот за здравство Венко Филипче.
Актуелните ковид-мерки за влез во Грција, пак, се продолжени за уште една седмица. Задолжителен документ за Ковид-19 и пополнет PLF формулар, се продолжени до 19 август, согласно новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, што вчера стапи во сила.
Нашата земја и понатаму е на листата трети земји за кои не важи забраната за влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини, а за патување во Грција потребен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/ рапид тест или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет PLF формулар. За прекршување на законските мерки и обврски во Грција, предвидени се парични казни од 500 до 5.000 евра.
Можноста за нов целосен карантин во Грција наесен, ја отфрли грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на вчерашната прес конференција, а паралелно изрази загриженост за намалениот број дневни вакцинации, јави дописничката на МИА од Атина.
Според статистиката на светско ниво, над 205 милиони луѓе се заразиле со коронавирусот, починале 4,3 милиони, оздравеле 184 милиони.
Австралиската престолнина Канбера вчера влезе во еднонеделен општ карантин поради еден случај на заразен со коронавирусот, првпат во текот на последната година. Побарано е затворање на целата територија на австралиската престолнина, каде живеат околу 400 000 луѓе, бидејќи властите не знаат како лицето се заразило. Австралија се обидува да го спречи ширењето на делта сојот на вирусот, па затоа веќе е воведен карантин во двата најголеми града, Мелбурн и Сиднеј.
Нов Зеланд планира да ја отвори својата граница од почетокот на 2022 година и да им овозможи на вакцинираните патници од земјите со низок ризик да влезат без задолжителниот карантин, што сега е во важност, соопшти премиерката Јасинда Ардерн.
Од март 2020 година, Нов Зеланд целосно ја затвори својата граница за сите, освен нејзините граѓани и лица со дозволи за престој. Во април годинава границата беше кратко отворена за граѓаните на соседна Австралија, но повторно се затвори кон крајот на јули, откако Австралија се соочи со нови жаришта на заразата.
Строгата политика за елиминација резултираше со само 2.500 регистрирани случаи на инфекција со коронавирус во Нов Зеланд и вкупно 26 смртни случаи.
Американскиот експерт за заразни болести и медицински советник на претседателот Џозеф Бајден, Ентони Фаучи, пак, информираше рече дека трета доза на вакцината против коронавирус ќе се препорача во САД за оние со послаб имунолошки систем.
Препораката ќе се однесува на веќе вакцинирани лица со ослабен имунолошки систем поради трансплантација на органи, рак или други болести.
Австриски епидемиолози предупредуваат дека следниот бран ќе биде бран на невакцинираните.
Епидемиолозите Џералд Гартленер и Петер Климек тврдат дека, сепак, нема да има преоптоварување на одделенијата за интензивна нега и оти не е потребно заклучување на есен. Тие веруваат дека заштитните мерки, како што се носење маски и држење растојание ќе бидат неопходни.
МИА