Дваесет години Охридски рамковен договор – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/21 7:37 AM

Дваесет години Охридски рамковен договор

Со низа настани под слоганот „По Охрид” во земјава се одбележува 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во 2001 година.

Потписници на Охридскиот рамковен договор се тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.

Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ Франсоа Леотар и на САД Џејмс Пердју.

Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти, а во одредени написи што излегоа во текот на годините и Али Ахмети, кој ја предводеше ОНА. Договорот беше потпишан на 13 август во претседателската резиденција на Водно во Скопје.

Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди,
коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на
идентитетот на заедниците”.

Потоа следуваат точки што се однесуваат на Прекин на непријателствата, развој на децентрализирана власт, Недискриминација и правична застапеност, Посебни собраниски процедури, Образование и употреба на јазиците, Изразување на идентитет и Имплементација. Договорот содржи и три Анекси: А.Уставни амандмани; Б. Измени во законодавството и Ц. Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.

Во контекст на спроведувањето на Договорот, во 2004 година беше основан Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, којшто сега прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Секретаријатот имаше задача целосно да го спроведе договорот и да обезбеди административна и стручна поддршка на заменик претседателот на Владата задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор. Токму сегашното Министерствот е организатор и ги предводи настаните за одбележување на 20 – годишнината од потпишувањето на договорот.

Централниот настан за одбележување на 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор е организиран во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк и ќе се одржи денеска во скопскиот хотел Александар Палас, а поканети се над 200 гости. Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби најави конференција со три панели и, меѓу другите, обраќања на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Иако поканети, како потписници на Договорот, на настанот нема да се обратат поранешниот претседател на државата, премиер и лидер на политичката партија СДСМ Бранко Црвенковски и поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Гергиевски. Најавени се и Хавиер Солана и Џорџ Робертсон, амбасадори на ЕУ, САД, НАТО и ОБСЕ, како и Питер Фејт, Пол Вилијамс, Бренда Пиерсон, Давид Син, Роберт Сери и Ветон Сурои.

Во јавноста деновиве без изнесени низа забелешки за организацијата особено на овој настан имајќи ги предвид мерките за спречување на Ковид-19, особено што од 16 август во сила ќе бидат нови мерки. Поради тоа одложен е и концертот што беше планиран за утревечер.

Во изминатите десет дена во рамки на одбележувањето се одржаа повеќе панел дискусии, а оригинална копија од Договорот беше доставена во Државниот архив.

Какви се ефектите од Охридскиот рамковен договор? 

Владата на Република Северна Македонија на 27 јули одржа свечена седница посветена на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев потенцираше дека оваа значајна годишнина се совпаѓа и со 30 годишнината од независноста на нашата земја, со 80 годишнината од народното востание и 20 годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација како наш прв чекор во остварувањето на нашата заедничка цел за членство во Европската Унија.

Премиерот потсети дека една од првите приоритети на листата на новоформираната Влада во 2017 година беше заокружувањето на нормативниот дел којшто произлегуваше од Охридскиот рамковен договор и од Амандманот 5 од Уставот на Република Северна Македонија.

-Тогашната Влада, во која министри беа и поголем дел од овој, актуелен состав на извршната власт, ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше од сите претходни влади, и го донесе Законот за употребата на јазиците. Со Законот за употреба на јазиците, како и со сите останати законски измени и подзаконски акти за правична застапеност, се заокружија одредбите од Охридскиот рамковен договор, кој беше потпишан на 13 август во 2001 година и со кој се стави крај на конфликтот и кој беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат низ дијалог и низ институциите, истакна Заев.

Охридскиот рамковен договор, како што кажа Заев, стави крај на конфликт кој со себе понесе и жртви, и кој спречи нашата заедничка татковина да стане место на продолжен конфликт и на општество без надеж за мирен живот.

Со овој договор, според Заев, нашата држава е постабилна и побезбедна, со загарантирана меѓуетничка толеранција и посилна социјална кохезија. Заедно се развиваме како држава во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ.

-Се определивме за политики што ја градат Република Северна Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Прифативме дека Македонците, како мнозински народ во нашата земја, имаат одговорност да креираат политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите останати јазици на припадниците на граѓаните кои живеат во нашата земја, рече Заев.

Владата на оваа свечена седница ги усвои заклучоците според кои констатира дека нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор е усвоен од страна на институциите на Северна Македонија и спроведувањето на законските одредби е постојан секојдневен процес кој што се одвива непречено. Заклучок од оваа седница на Владата е дека Охридскиот рамковен договор придонесе кон зголемување на кохезивно општество, еднакво и едно општество за сите граѓани и заедници како и за интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, деновиве оцени дека Охридскиот рамковен договор е еден од најважните документи на Северна Македонија, затоа што „ја спаси земјата од можна трагедија”.

-Охридскиот договор ја спаси земјата од можни трагедии, кои може да настанат од поделби, безброј трагедии во загуба на животи. Беше интервенирано на време, со оглед на претходните искуства во Босна и Косово што се случија. Меѓународната заедница беше многу брза и интервенираше меѓу страните, да започнат преговори за можен мировен договор, рече Ахмети.

Ахмети, меѓу другото, рече дека сите заедници што живеат во Северна Македонија имаат корист од овој договор, но додаде дека има уште работа.

-Охридскиот договор е имплементиран, законодавниот дел е исполнет, прагматичниот дел треба да се направи. Не треба да бидеме арогантни да кажеме дека се е затворено, сѐ уште има одделенија без застапеност на други заедници, вклучително и Албанци, Турци, Роми и така натаму. Сѐ уште постојат предрасуди од македонската заедница дека ја губат својата држава. Охридскиот договор претставува победа за сите, победа и за Македонците, бидејќи да се добие мир, стабилност и безбедност, се разбира, е голема победа, вели Ахмети.

Првиот вицепремиер Груби, пак, во средата на панел дискусијата на тема: „По две децении, дали Рамковниот договор е тесен за едно општество целосно отворено и еднакво” организирана од страна на Универзитетот на Југоисточна Европа истакна дека Охридскиот договор е процес кој има почеток но нема крај.

-Токму овој денешен јубилеј е и најдобрата можност за изразување на институционална, колективна и персонална благодарност кон сите мажи и жени кои го започнаа овој процес уште од 1991 година и за една цела деценија направија континуирани напори за еднаквост, заедно со тие мажи и жени кои го забрзаа процесот во 2001 година и следствено го усвоија нормативниот дел од процесот наречен Охридски мировен договор до моите денешни колеги со кои заедно ја имаме обврската за нејзината имплементација и да не застанеме во ниту еден момент унапредувајќи ја таа еднаквост во сите сфери од животот,  истакна Груби.

Според Груби, активностите за одбележување на Охридскиот договор не се само активности за рефлексија или споредба, но тие ги оценува како начин на креирање на заедничка визија за следните 20 години.

-Мирот, стабилноста, развојот и економската благосостојба, правичната застапеност, социјалната кохезија, рамнотежата на диверзитетите, неселективната правда, надминувањето на поделбите, или изнаоѓањето на решенија за сеуште отворени домашни, регионални прашања или уште пошироко, се нешта кои бараат одржување и храброста на отворените умови. Е оваа визија не толерира рамки, ниту тесни ниту широки, туку цели кон флексибилен и креативен простор, во соодветност со утрешниот и компатибилен со денешниот, бара секојдневен и буден третман, конкурентени респонсивен. Приспособлива рамка која ја штити демократијата делејќи ја власта, носењето на одлуки и одговорноста за иднината која ја имаме.
Тоа е рамка која не се множи со нула. А ние, ние мора да го изградиме и надградиме просторот помеѓу местото каде што дишат и се натпреваруваат граѓаните потполно еднакви во инклузивно општество во отворена и динамична рамка, соодветна, каков што е и самиот живот, кажа Груби.

За министерот за надворешни работи Бујар Османи, Рамковниот договор е најуспешниот меѓународно посредуван договор на просторите на поранешна Југославија.

-Ако ги споредиме сите мировни договори во регионот во последните 20, 30 години, единствениот договор кој се исполни во целост, во својот легислативен дел, односно во нормативниот дел, во делот на законите кои произлегуваат од самиот договор. Овој договор е јасно најуспешен и тоа се покажува во секојдневниот живот. Преку трансформација на оваа држава од држава во која рамката беше поставена за да прифати една етничка заедница во оваа функционална мултиетничка демократија во која живееме сега, која станува пример прво дека во регионот можни се мултиетнички функционални демократии и пример како да се решаваат сличните прашања, не само во регионот, туку и пошироко, нагласи Османи.

За одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор се огласија и опозициските лидери искажувајќи дека нема да присуствуваат на овој настан.

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека Рамковниот договор е завршена работа, а приватни паради во историски најтешки времиња се неприфатливи.

-Наместо парите да ги пренаменат за други граѓански потреби, одлучиле да слават кога најмалку е време за славење. А во меѓувреме каква е реалноста? Гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово и после 4 години се уште не е реновирана. Нема ниту збор од канализацијата во Другово. Неколку километри автопат кон Косово и после година и половина не е мрднат од почетна точка. Исто болат солзите на мајката Македонка, Албанка, Турчинка, Ромка, Србинка…, кога се разделува од сопственото чедо кое заминува во туѓина поради тоа што не добило шанса во Македонија и уште многу, многу порази…, напиша на Фејсбук Мицкоски.

На настанот нема да присуствуваат ниту лидерите на Алијанса на Албанците и Алтератива Зијадин Села и Африм Гаши. Тие во својата реакција посочуваат дека не само што не се против Охридскиот договор, туку работат да го заштитат истиот од каква било девалвација.

-Ние добро ја разбираме загриженоста на ДУИ и мизерната ситуација во која тие самите избраа да бидат, по две деценискиот неуспех во спроведувањето на Охридскиот договор и во сите други сфери, се наведува во соопштението од коалициските партнери Села и Гаши.

 

МИА