Од 11 август намалени казните и глобите на царинските прекршоци – ММС
ММС

Објавено на: 08/14/18 12:01 PM

Од 11 август намалени казните и глобите на царинските прекршоци

Намалување на глобите за царинските прекршоци и воведување мандатен платен налог се дел од измените на Царинскиот закон што стапија на сила од 11-ти овој месец, а со кои, според директорот на Царинската Управа,  Ѓоко Танасоски, се излегува во пресрет на барањата на бизнис заедницата.

– Мандатните казни во голем дел се сведоа на намалување, односно од 250 евра се сведе на 50 евра и исто така од 50 евра на 15 евра за физичко лице, изјави директорот Танасоски.

Ова се однесува на лесни прекршоци каде влегуваат прекршоци што се од техничка или административна природа, но кои, како што велат од Царината, достигнувале високи суми кои требало да ги плаќаат фирмата.

Кај средните прекршоци, што се прекршоци со фискален ефект, фирмите сега имаат можност да го оспорат прекршокот и да се жалат до Царинската управа, па до Државна комисија и до Управен и Виш управен суд.

Со ова, според директорот, се намалува просторот на субјективност и корупција.

По основ на глоби и мандатни казни царината во 2016 година наплатила 1,3 милиони евра, а од почетокот на годинава таа сума е 442 илјади евра.

Директорот денеска информираше дека Царината од почетокот на годината до 31 јули наплатила буџетски приходи при увоз и внатрешен промет 790 милиони евра при што е забележан раст од 11,9 проценти во однос на тој период лани. Во однос на планираното е забележан раст од 4,8 проценти.

Танасоски потенцира дека растот се бележи кај сите категории и по онсов на царина, ДДВ при увоз, акцизата, како и кај надоместоците.

Приходите по однос на ДДВ при увоз се зголемени за 12,5 проценти, а од акциза 11,18 проценти.