Оној што рекол дека „никогаш во животот не знаеш што ќе те снајде“ сигурно имал добра причина да го каже. Којзнае низ какво животно искушение поминал за да овие зборови бидат толку силни и се прераскажуваат до денес, да ги паметат сите. Сите ние помалку или повеќе сме поминале низ некое животно искушение, но се чини дека на искушенијата и борбата на семејството Стамкови од Неготино им нема крај.
Кога Благица и нејзиниот сопруг се земале им се родило машко дете, на нивната среќа тогаш им немало крај. Не ни биле свесни дека само по две години нивното синче Иле ќе се соочи со голем здравствен проблем. Нивното единствено дете имало проблем со бубрезите и му боло потребно трансплантација. Без двоумење, мама Благица легнала под хируршки нож за да му го спаси животот на својот син единец Илија, за да му ги реши проблемите со бубрезите што ги имал уште од две години.
Откако едниот бубрег му бил изваден на 11 години, другиот почнал да ја губи функцијата, па докторите спасот го гледале во трансплантација. Непосредно пред да матурира, младиот Иле добил бубрег од жената која му го подарила животот, од мама Благица.
И се’ би било во ред, за таа нераскинлива врска меѓу мајката и детето нема потреба да се раскажува, се подразбира. Но, како што вели изреката погоре, ова семејство треба да се бори со ново животно искушение. Сега Иле треба да се бори за да го спаси животот на неговата мајка, кој зависи од 26.000 евра.
Мајка му Благица има малиген тумор на панкреасот, но операцијата според зборовите на лекарите, овде не може да се изврши. Илија нема доволно финансии за да плати за операција на неговата мајка во Турција, а операцијата е неопходна за таа да почне со хемотерапии. За Македонски медиа сервис Иле ја раскажа неговата животна приказна, притоа упатувајки апел до сите добронамерни и хумани луѓе да му пружат рака за помош.
„Едниот бубрег ми го извадија во Белград, но со текот навремето почна и тој да откажува. Уште кога бев во основно училиште одев на дијализа, па на хемодијализа, но и тоа не функционираше како што треба, бидејќи имав многу инфекции. На 19 години конечно се направи операцијата со која го добив бубрегот од мајка ми, кој долго го очекував, а таа не се двоумеше ни за миг“, ни раскажа Иле.
Дваесет и осумгодишниот маж денес сеќавајки се на голготата низ која поминал, никогаш нема да заборави на моментот кога мајка му ја зеле на операција околу два часа пред да почне неговата операцијата.
„Тој здравствен проблем не ми пречеше којзнае колку, но понекогаш се чувствував како поразличен од останатите. Повеќе ми беше страв за мајка ми, нормално, сепак се работеше за операција. Ние отсекогаш бевме блиски, но тоа беше навистина потврда дека секој родител се’ ќе направи за своето дете“, додава Иле.
Тој нема ниту брат, ниту сестра. Во борбата за подобро здравје за својата мајка е сам. Пред две години починал татко му и тоа баш на датумот на кој Благица годинава требало да ја оперираат во Скопје. Но операцијата и’ ја откажале.
-Требаше да ја оперираат на 26-ти јули. Ни кажаа во петок да отидеме на подготовки, да и’ направат тест за ковид-19, да ја снимаат на ренген и други прегледи. Ако тестот е негативен требаше директно да ја подготват за операција, но докторот ми се јави и ми кажа дека предметот „паднал“ на комисија – вели Иле и додава:
„Имавме закажано операција баш на денот кога тато почина пред две години. Ние претходно бевме и на Онкологија, но тие не’ препратија на Дигестивна хирургија. Ја тешам мајка ми, и’ кажувам дека се борам. Сам сум, затоа барам и помош од други, од роднини, ете апелот за донации се споделува“, додава Иле.
Вели дека туморот е околу 8 сантиметри голем, а болките на мајка му се најинтензивни на местото на извадениот бубрег. Затоа и всушност, тие претпоставувале дека ја боли тој дел од телото, не претпоставувале дека ќе добие дијагноза – рак.
„Објаснувањето на докторите е дека не може да се направи операција бидејќи туморот е преголем. Рекоа да се направи операција, па после хемо. Најдобро е после операција бидејќи нема метастази, но како што минува времето не знам како ќе биде таа работа. Ни рекоа ако и’ дадат хемо ќе нема никаков ефект, никакво подобрување. Ги зедов документите и си заминав“, ни изјави Илија.
Стравот за здравствената состојба на неговата мајка, неговиот херој, почнал уште кога при првичните испитувања резултатите од тумор маркерите не биле добри.
„Ние и двајцата имавме ковид. Јас бев 13 дена со температура, таа немаше симптоми. Потоа почна да не јаде, го изгуби апетитот. Така почнавме со испитувања, и’направија тумор маркери, но и компјутерска томографија која покажа дека има маса на панкреасот. Се направи биопсија. Така се дозна дека е рак“, вели Иле.
Се надевал дека резултатите не се точни, но за жал, се покажало спротивното. Токму тогаш почнуваат и непреспаните ноќи за ова мало, скромно семејство.
„Имам страв, неизвесност, тахикардии…“, вели Иле.
„Пред неа се трудам да не покажам слабост, но не знам што да бидам и што да направам за да ја спасам. Пред свршен чин сме“, додава Иле.
Апелот за донации за неговата мајка тој неуморно го споделува на социјалните мрежи, молејќи ги хуманите граѓани да му помогнат да се собере сумата од 26 илјади евра, која е потребна за Благица да може да се оперира во Турција, каде Иле веќе ги испратил резултатите од сите нејзини претходни снимања.
-Татко ми почина, ако и мајка ми јаизгубам ќ останам сосема сам, ни рече Иле тажно на крајот.
Броеви за донација:
Телеком 143-129
A1 (VIP) 143-600
Сметка за донација
Вања Мицевска