Тоа што не сме комплетни не треба да е оправдување, изјави капитенот Трајковски – ММС
ММС

Објавено на: 08/12/21 1:20 PM

Тоа што не сме комплетни не треба да е оправдување, изјави капитенот Трајковски

Во пресрет на претквалификацискиот турнир за Светското првенство во 2023 година, македонската кошаркарска репрезентација во Скопје се подготвува да ги угости селекциите на Словачка и Швајцарија и да обезбеди место во регуларните квалификации за мундијалот.

Капитенот на македонската селекција, искусниот Бојан Трајковски, кој ја презеде капитенската лента од Војдан Стојановски, зборуваше за медиумите за она што следува на 12.август во главниот град, велејќи дека не прифаќа никакви оправдувања за евентуален неуспех и покрај тоа што составот на Драган Бајиќ е значително ослабен поради отсуството на Ненад Димитријевиќ.

-Не е оправдување тоа што не сме комплетни и што има подмладување во репрезентацијата. Имавме период на подготовки, но мал број на контроли натпревари, само два против Црна Гора и меѓу нас уште толку. Одиме на победа, почнувајќи од дуелот со Швајцарија, па потоа и во следните три дуели од овој претквалификациски циклус. Што се однесува до помладите кошаркари, кажав веќе еднаш дека тие се ветер в грб за нас и ни даваат елан со нивната енергија. Заедно треба да го оствариме тој добар резултат кој во иднина ќе биде многу важен за нив, изјави Трајковски за КФСМ.

По правилата на ФИБА, првите две пласирани репрезентации ќе бидат дел од квалификациите за Светското првенство во 2023 година.

 

.