По повод Меѓународниот ден на младите – 12 Август, Коалицијата на младински организации СЕГА денеска ќе го промовира Позицискииот Документ за младинско вработување, кој содржи препораки за подобрување на политиките за справување со младинската невработеност и кои во изминатиот период биле заеднички дизајнирани од страна на младите, граѓанските организации и надлежните.
Коалицијата „СЕГА” ги повикуваат надлежните институции во полето на младинското вработување да ги вградат препораките во насока на максимално искористување на постоечкиот младински потенцијал преку зголемување на обемот на мерки кои се поатрактивни за младите луѓе и да ги вклучат младинските организации при дизајнирањето на политики за вработување, а особено при програмирањето на новиот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година.
Од Коалицијата посочуваат дека невработеноста и социјалната инклузија претставуваат сериозен предизвик со кои се соочува државата во континуитет, a посебно маргинализираните млади лица.
– Дополнително, Македонија се соочува со една од највисоките стапки на невработеност во Европа. Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 дополнително придонесе кон зголемување на стапката на невработеност во изминатиот период, која што според последните податоци, од прво тромесечје од 2021 година, вкупниот број на невработени млади на возраст од 15 – 29 години е 54 263, со што стапката на невработеност кај младите е 28,8 отсто. Производ на оваа состојба е и фактот што младите (15-29 години) се соочуваат со низа проблеми за влез на пазарот на трудот како што се: несоодветност на стекнатите знаења и вештини во формалниот образовен процес со реалните потреби на пазарот на трудот, долгиот просечен период за премин на младите лица од училиште на работа (2,5 години), како и недоволниот и квалитетен број на слободни работни места. Уште поголем проблем претставува големиот број (повеќе од 130.000) на млади NEET кои не се во образовен процес, не се вработени, ниту се во процес на обуки, потенцираат од Коалицијата.
Меѓу другото, набројуваат некои од препораките кои младите сметаат дека треба сериозно да се земат предвид при процесите на креирање на идните политики за младинско вработување како што се значително зголемување на соработката меѓу Министерството за образование и наука и бизнис заедницата, поголема отвореност и достапност на институциите за социјално ранливите категории, зголемување на улогата на младинските организации при дизајнирање и спроведување на Гаранцијата за млади, како и задолжително воведување на програми за вработливост за млади во ризик.
Коалицијата „СЕГА” е национална мрежа на младински организации, со повеќе од 17 години искуство во лобирањето за потребните законски промени за младинско учество, информирање, вработување и активизам.
MИА