Комплексна претстава, работена по Европски стандарди ќе биде претставена утре премиерно во Домот на Културата во Штип. Станува збор за авторски проект на Драгана Милошевска Попова и Игор Киров по мотиви од „Едип” на грчкиот автор Софокле.
Јазикот на Едип во денешницата ќе го говори актерскиот тим составен од: Ефтим Трајчов Ѓаурски, Анѓелка Нашкова, Пеце Ристевски, Марија Минчева Андонов и Милорад Ангелов.
„ЕДИП Коментари” во режија на Драгана Милошевска Попова ќе прикаже едно ново, поразлично и оригинално видување на митот за Едип утре во 21.00 часот.
Светски познатиот штипјанец, кореографот Игор Киров, по скоро 30 години се враќа на матичната сцена и со гордост го најави својот проект.
За ММС.МК изјави дека работеле напорно и интензивно, а актерскиот тим го гледаме во поинаква форма со актерска глума, танц, енергија која се претопува во емоција и техника на игра со музика.
На нашето прашање дали проектите врзани за штипската сцена завршуваат со овој проект, Киров кажа:
„Имам многу планови, но ситуацијата со пандемијава е таква каква што е, па според она што ќе се случува ќе зависи и нивната реализација. Има преговори за проекти во Скопје, Сараево, пред мене се проекти во Германија … Планови постојат, но да сме живи и здрави!“ – рече Киров.
Штипската публика со нетрпение ја очекува утрешната премиера и светската сценска енергија која и те како ќе ни пружи културно освежување.
А. П