Слободно можам да кажам, Рамковниот договор е најуспешниот посредуван договор на просторите на поранешна Југославија. Се додека постои оваа држава, ќе постои и духот на Рамковниот договор, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
-Слободно можам да кажам дека Рамковниот договор е најуспешниот меѓународно посредуван договор на просторите на поранешна Југославија. Ако ги споредиме сите мировни договори во регионот во последните 20-30 години, единствен договор што е испонет во целост, легислативно и нормативно е Рамковниот, рече Османи.
Министерот за надворешни работи објасни дека успешноста на Рамковниот договор се огледува во секојдневниот живот и тоа преку трансформација на оваа држава од прифаќање на само една етничка заедница во држава со мултиетничка функционална демократија и пример како се решаваат сличните прашања.
-Горд сум што сум дел од една организација којашто учествуваше во создавање и имплементација на истиот договор. Се разбира дека духот наметнат од договорот нема да престане, тоа што го бара договорот е инклузивност на сите граѓани да работат и живеат во државата. Се додека постои оваа држава, ќе постои и духот на рамковниот договор. Направено е многу, но треба да се направи и уште повеќе, заклучи Османи.
Во однос на спорот со Република Бугарија и внатрешните состојби во соседната држава, Османи вели дека вестите кои доаѓаат оттаму не се охрабрувачки во делот на формирањето на институциите. Според него тоа се покажало како важен фактор во барањето на решение помеѓу овие две страни.
-Ние се надеваме дека ќе се формираат институции во Бугарија, за да комуницираме политички во тој дел. Независно од тоа, во изминатиот период комуникацијата помеѓу двете земји продолжи. Експерти од двете министерства директно разговараат во однос на отворените прашања од последниот состанок во Софија, рече Османи.
Шефот на македонската дипломатија додаде дека Северна Македонија е подготвена за разговор и продолжува со внатрешните реформи.
д.ј
Фото:
МИА / Livestream / Screenshot