(ФОТО) Маркова река затрупана при изградбата на малите хидроцентрали, алармираат од „Еко-свест“ – ММС
ММС

Објавено на: 08/11/21 8:41 AM

(ФОТО) Маркова река затрупана при изградбата на малите хидроцентрали, алармираат од „Еко-свест“

Со жалење информираме дека и покрај сите апели, барања и предупредувања од граѓанските организации да се почитуваат мерките за заштита на животната средина, Маркова река деновиве ја затекнавме комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река, реагираат од невладината организација „Еко-свест“.

По алармирање од локалното население, членови на здружението излегле на терен и затекнале уништено речно корито и река, додека сегментите од реката биле затрупани со материјал од градежните активности.

-Според членот 44 од Законот за води „носителот на дозволата не ја врши дејноста согласно со условите утврдени со дозволата, односно врши битна и континуирана повреда на условите за вршење на дејноста од јавен интерес утврдени во дозволата“, и надлежниот орган треба да постапи. Според член 49 од истиот закон треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода. Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило. Повеќе години водиме борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови. И покрај ветувањата од институциите сепак се дозволува вистинска еколошка катастрофа, вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“.

Што е уште пострашно, додаваат од „Еко-свест“, ова се случува во моменти кога земјата е соочена со продолжена суша и пожари кои ја опустошуваат територија на државата и се води борба да се стигне до капка вода повеќе. За нив ова е трагедија со долготрајни последици. Ништо што е живо не може да преживее без вода, вклучително и човекот.

-Бараме од министерството за животна средина веднаш да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова река 143, 144 и 145 на концесионерот Индиго Хидро Македонија – Скопје по основ на грубо прекршување на сите законски одредби за заштита на животната средина и за добра градежна пракса. Исто така бараме да се задолжи концесионерот да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно. На долг рок, бараме од Владата да ги заштити своите граѓани и нивните извори на вода и ова да биде висок приоритет, стои во соопштението.

„Еко-свест“ бара итна реакција поради моменталната состојба со продолжениот топлотен бран и ризикот по човековото здравје и животната средина.

Фото:

Еко-свест