Штипската полиција соопшти дека вчера во 14.00 часот, по наредба на Јавен обвинител, во Полициската станица Штип, во врска со пожарот што на 06.08.2021 настана помеѓу селата Драгоево и Селце, штипско, на разговор бил повикан Е.Е.(43) од с.Селце.
-Исто така, по наредба на Јавен обвинител од лицето биле одземени и дадени на вештачење предмети за кои постои сомнение дека биле користени при извршување на делото, соопштуваат од СВР Штип.
Пожарот меѓу селата Драгоево и Селце изби во неделата и зафати нискостеблеста шума и трева во прилично непристапен терен. Градоначалникот на Општината Штип, Сашко Николов објави сомневање дека пожарот може да е подметнат и објави фотографија од свежи траги на мотор.
-Во раните утрински часови, нашите пожарникари пристигнаа на тешко пристапниот дел во атарот на село Драгоево и го санираа пожарот кој започна во текот на вчерашниот ден. Причината за овој пожар ќе оставиме нашите служби темелно да ја истражат, напиша Николов.