Интересот за вакцинација е зголемен, две дози досега примиле повеќе од 439.000 граѓани, велат од МЗ – ММС
ММС

Објавено на: 08/10/21 10:30 AM

Интересот за вакцинација е зголемен, две дози досега примиле повеќе од 439.000 граѓани, велат од МЗ

Значително зголемен интерес за вакцинација од  граѓаните имало вчера, соопшти Министерството за здравство и посочува дека вакцинирањето се одвива непречено на сите пунктови низ државата и на терен во помалите места и руралните средини.

Заклучно со вчера, вакцина примиле вкупно 543 597 граѓани, ревакцинирани се 439 048, односно аплицирани се 982.645 дози. Вчера се вакцинирале 17 679 граѓани, а прва доза примиле 8030.

Министерството информира дека според последните бројки, барем една доза вакцина досега примиле 66 проценти од населението над 70 години, 63 проценти  над 65 години, 59 отсто од луѓето што се  повозрасни од  60 години и 48 отсто  од луѓето над 50 години.

Граѓаните може да се вакцинираат без закажан термин на вакцинални пунктовите низ државата. Закажување е потребно само за малолетници од 12 до 17 години на веб-страницата vakcinacija.mk. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.

Министерството за здравство напоменува дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.

– Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување, како и смртен исход, наведува Министерството за здравство.

 

МИА