Министерот Бочварски не е веќе ерген! Потроши ли една плата за прстенот на Маринела? – ММС
ММС

Објавено на: 08/9/21 9:43 PM

Министерот Бочварски не е веќе ерген! Потроши ли една плата за прстенот на Маринела?

Министерот за  транспорт и врски, Благој Бочварски (36) веќе не е ерген. Тој вчера вечерта ја побара раката на девојка му Маринела Серафимова (24), која пред два месеци дипломирала медицина, а со која е околу една година во врска.  И министерот и Маринела се од Штип, каде и се родила нивната љубов. А за да ги дознаеме деталите за овој убав момент, секако и за да дознаеме дали потрошил цела министерска плата за прстен го контактиравме министерот, кој за ММС ја потврди информацијата и ја раскажа нивната љубовна приказна.

-Да, се случи вчера вечерта. Со Маринела сме заедно околу една година и требаше ова да се случи. Нема посебен датум за да го направам ова, така одлучив. Претходно бевме на вечера во ресторан и малку разговаравме на оваа тема, но не открив пред неа детали што ќе се случува подоцна. Раката и ја побарав кога се вративме дома. Немаше посебни романтики, не клекнав кога ја запросив, едноставно додека разговаравме се случи моментот, го покажав прстенот. Не сметавме дека треба да има апарати и камери, туку само ние двајца да си дадеме збор, затоа и немаме слики. Беше навистина убав момент и чекор и за двајцата. Бевме заедно на одмор, но, сепак, се одлучив да ја запросам тука дома. Искрено јас и Маринела извесно време правиме муабет за нашата иднина. Затоа таа и очекуваше, но не знаеше кога и беше изненадена. Односно, како што ми рече, очекувала на есен или понатаму, рече тој за ММС.

Бочварски вели дека со Маринела доволно се заедно и се познаваат за да се одлучат за ваков чекор.

-Ние претходно патувавме заедно, претежно за викенди, бидејќи времето ни е ограничено. Навистина овој чекор на некој начин меѓу нас беше одлучен, но прашање беше моментот. Дали сега, дали после три месеци или после шест месеци не е важно, ако личноста е таа со која сакате да бидете не е спорен датумот и моментот. Нам ни беше убаво,  рече тој за ММС.

По овој важен момент за двајца кои се сакаат и кои решиле заеднички да чекорат низ животот следува свршувачка и секако свадба. Но, овие планови ним им ги пореметува пандемијата и новите мерки.

-Следните чекори ќе бидат како што е редот. Свадба ќе правиме идната година, ќе причекаме протоколите да бидат како што треба. Прво на есен ќе направиме „веридба“, додаде тој.

Бочварски од Маринела е постар 12 години, но како што секогаш бива, кога љубовта е во прашање годините воопшто не се важни. А тоа што со Маринела се слични карактери е нешто што најмногу го освоило.

-Со Маринела имаме слични карактери, слично размислуваме и функционираме. Од ова време колку што сме заедно забележав дека и двајцата не привлекуваат истите работи. Едноставно има некоја поврзаност, некоја хемија, има љубов меѓу нас. Можеби една година е релативно кратко време, но доволно добро се запознавме, како да сме многу време заедно. И двајцата сме штипјани, се знаеме подолго време од град, но официјално почнавме да комуницираме пред околу една година, потоа се’ почесто и со тек на време  се поврзаа сите работи.  Никаде не брзавме, ниту сега брзаме ама сметавме дека е моментот сега да превземеме некој чекор, ни рече тој и додаде:

-А годините ни се во граници на нормала. Со некого можете да бидете и иста генерација, но можеби нема толку добро да се сложувате како со некој со кој има разлика во годините. Кога со некој заеднички функционирате и гледате дека карактерите ви се заеднички, годините не се важни, ни кажа минстерот и ни рече дека за проширување на семејството ќе размислуваат понатаму, односдно „ќе дојде со тек на време“.

Го прашавме министерот и дали потрошил една цела министерска плата за прстен, а тој ни рече:

-Не ја потрошив платата за прстенот, но потрошив време за да се одлучам кој да го одберам, откри тој за ММС.

Бочварски е од познато штипско семејство, која има градежна компанија. За своите 36 години беше пратеник во собранието, градоначалник на Штип, а од август минататата година стана министер и беше еден од посакуваните ергени во владата на Заев.

Маринела, пак, е ќерка на Киро Сeрафимов, познат штипски угостител, некогашен сопственик на кафулето „Џет“ во штипската стара чаршија.

Весна Миленковска

Фото: Приватен албум на Бочварски