Уште од мала знаев дека сакам да сум на сцена, па се насочувам кон тоа цело време – вака за ММС ја почнува својата музичка приказна, Тамара Стојковска (25). Младата битолчанка донесе освежување на домашната музичка сцена со своите хитови кои добија и видео запис.
Дипломирала на отсекот за теорија и педагогија при Факултетот за музичка уметност, но вели дека отсекогаш повеќе сакала да се изгради како пејач. Со неа разговараме за љубовта кон музиката, за почетоците, за проектите кои ги планира…
Од кога се твоите музички почетоци, дали како дете настапуваше на фестивалчиња?
Да, мислам дека за повеќето тие се неизбежни. Настапував на фестивалот „Тралала“ уште на шест или седумгодишна возраст. Уште од основно освен што одев во редовна настава, паралелно одев и во основно музичко училиште, а потоа продолжив во Средното музичко училиште во Битола, па на Факултетот за музичка уметност. Паралелно со тоа имав и приватни часови по соло пеење. Сум одела кај неколку професори и сум посетувала часови и во Битола и во Скопје бидејќи од секого ќе научиш нешто ново, музиката е жива материја. Секогаш има нешто ново плус да научиш нешто.
Која е улогата на семејството тука, дали имате музичари дома ?
Не, тоа е за моја среќа бидејќи најчесто во семејство каде што нема музичар не го препознаваат талентот за музика. И пред мене некој бил музикален, но никој не го препознал. Иако кај нас дома никој не се занимава со музика, од првиот момент премногу ме поддржуваат. Најчесто многу пејачи кога сакаат да се занимаваат со музика имаат проблем од дома, но кај мене за среќа тоа не беше случај. Баш моите ми велеа „ти си за на сцена родена и треба да настапуваш“. Музикален е татко ми, но никогаш не се занимавал со музика.
Неодамна ја промовираше песната „Не ме оставај“, колку песни имаш досега?
Ја промовиравме „Не ме оставај“, претходно имав три, значи вкупно се четири песни. Пред моите песни имав преработки на неколку евергрини кои ме охрабрија и оставија печат за да бидат споменати. Преработките се на „Кога те нема“ и „Ако одам во Битола“. Во моментот работиме на нова музика, веројатно повторно би било нешто со Никола Мицевски. Работиме на повеќе работи меѓутоа во таа насока на „Не ме оставај“ би бил и следниот сингл.
Според тебе, со тие преработки се дава некој нов дух на песните кои оставиле трага на домашната музичка сцена, колку ги сакаш тие звуци од пред десетици години на песни кои настанале кога ти можеби не си ни била родена?
Дефинитивно ги оживуваат песните и мислам дека е баш убаво кога на некоја стара песна ќе и’ дадеме современ звук од ова време. Творам во времето во кое живеам. Иако сум порасната со музика од 80-те, љубовта кон музиката ми е баш кон тие песни, но кога веќе творам сакам да има печат од ова време. Тие преработки ми се баш совршени за таа моја цел и „Кога те нема“ доби комплетно нов призвук, а „Ако одам во Битола“ е со оркестар и баш е супер шанса да ги оживееме. Мислам дека и во иднина би направила такво нешто иако во моментот не работам на таква преработка. Инаку, песните од 80-те ми се голема љубов, но гледам да ги слушам и овие трендовски музики. Има артисти кои многу умешно преработуваат стилови, враќаат стари стилови прилагодени на денешно време и тоа ми е фасцинантно, па зошто да не го правам и јас.
Како накратко би го опишала стилот на твоите песни?
Секогаш се чувствува печатот на Никола како автор и јас кога би пеела негова песна секаде би се чувствувало дека пее Тамара, така и кај Никола би се чувствувало дека компонирал Никола. Баш уште во процесот на создавањето на „Не ме оставај“, тој будно ме следеше како пеам, каква емоција носам јас. Буквално направи песна која кога ја слушнав знаев дека тоа сум јас, тој ме преточи во песна. Нашата соработка си е наша, јас сум дала дел од себе, тој дал дел од себе и тоа го прави нештото автентично.
Несомнено короната се одрази врз сите, па и врз музичарите. Сепак, тие истакнуваа дека имале повеќе време за да бидат креативни, па како кај тебе се одрази, дали музицираше?
Разбуди многу работи ситуацијата, почнав да размислувам за тоа, но се’ уште не дошол моментот за такво нешто да биде во јавност. Некако се’ повеќе и повеќе размислувам зошто па јас да не создадам музика.
Текстот за „Жедни“, песна која излезе во екот на пандемијата, е мој. „Не ме оставај“ е со друг текстописец, но не значи дека не би продолжила и понатаму. За музика имам некои обиди кои сеќ уште не се за споделување со никој, но тоа е процес. Сум имала и текстови кои не биле за споделување па настана „Жедни“ и отиде во етер, така што можеби ќе има и музика од мене.
Спомена дека си студирала педагогија, дали се гледаш како музички педагог освен како интерпретатор?
Мислам дека не се гледам така. Сум работела со деца со музички афинитети бидејќи сакам да споделам со некој, а и има толку многу млади таленти на кои им треба „ветер во грб“, па ако можам да им бидам би го искористила тоа со задоволство. Генерално не се гледам во образование, можеби вака на неформален начин пренесување на искуството и знаењето.
Планираш ли настап на некој фестивал, дали можеби сонуваш за Евровизија?
Навистина ми е голема желба да се појавам на фестивал и малку ми е криво што не сум се појавила, меѓутоа ете, сплет на околности и се’ си има веројатно своја причина. На фестивалите во Македонија се создале најдобрите евергрини. Самата „Кога те нема“ што ја преработив е од Макфест, па поради такви работи сакам да сум дел од фестивалите кај нас. За Евровизија велам „да“, но само доколку имам добра песна бидејќи не е натпревар за најдобар пејач туку за најдобра песна, така што би ми било сон, да.
Дали настапуваш некаде?
Да, дел сум од ноќниот живот во Македонија со мојот бенд Funked up. Настапуваме низ цела Македонија, но овој период некако беше замрен, а пресно почнавме пред да се случи целата ситуација. Имавме многу добар „залет“, многу добра енергија. Работиме и цело време сме заедно, правиме нов репертоар и се надевам дека за брзо се’ ќе се врати во нормала.
Конкуренцијата веќе е доста голема на музички план, се користат разни начини и механизми за да се допре до публиката, што мислиш околу разголувањето како начин да се претстави еден изведувач?
Па зависи како е тоа претставено. Голотијата мене не ми пречи кога е во момент на уметност, уметнички. Голотијата делува уметнички кога е вкусно и од вистински човек претставена. Многумина го користат тоа за промовирање и ако функционира, супер. Јас лично не би ја користела по секоја цена, ако не е во некој уметнички дел и ако не е оправдано. Се’ што сум учела во музика и глума, ме учеле дека треба да има оправданост. Ако немам зошто да сум разголена, не би го направила, но ако имам зошто би собрала храброст.
Имајќи предвид дека ја спомена и глумата, дали тоа значи дека си била дел и од театарската сцена?
Да, дел сум од Дел Арте-Битола. Моментално и тоа е на пауза, но генерално повеќе работиме на детски претстави кои ми се омилени, бидејќи таа енергија што ја имаат дечињата е незаменлива. Тие се искрени и искрено ти се радуваат, па и ние ја доживуваме таа магија, влегуваме во еден бајковит свет и тоа не ми го нуди ништо друго што го правам во животот. Театарот ми е дел од животот и се надевам дека ќе си го задржам уште долго.
Многу изведувачи се обидуваат да се пробијат на регионалната музика сцена, колку мислиш дека македонската има потенцијал? Дали можеби размислуваш и за регионалниот пазар да создадеш нешто?
Да, би сакала. Секој сака поголема публика, но не по секоја цена. Според тоа што во моментот е актуелно во регионот, можам да кажам дека не се пронаоѓам во тоа и мислам дека не би имало некаков резултат да работам на такво нешто. Доколку работите се сменат во насока во која јас се пронаоѓам, тогаш да.
За крај, која е твојата порака до сите кои имаат музички амбиции?
Вреди да се следи сопствената амбиција и мислам дека треба секогаш да се слушаат самите себеси пред се’. Посебно со музика луѓето се скептици, тоа бара посебна жртва и кога сите ти ја земаат мотивацијата знае да биде тешко, но најважно е да веруваат во себе. Тогаш ќе вреди се’.
Вања Мицевска