Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска во Државниот архив го предаде оригиналниот документ потпишан од седумте потписници на Охридскиот рамковен договор.
Груби нагласи дека по цели 20 години документот припаѓа на ова место, во Државниот архив.
– Секоја година, тема во медиумите беше недостасувањето на оригиналниот документ на потпишаниот Охридски рамковен договор и затоа цело наше министерство беше ангажирано низ цела оваа година да го пронајдеме тој документ, потпишан од страна на петте наши потпсисници и од двајца странци, Џејмс Пердју и Франсоа Леотар, изјави Груби по посетата на Државниот архив.
Груби информира дека договорот ќе биде архивиран и чуван како еден од многу значајните документи за нашата држава.
-Согласно Охридскиот рамковен договор, беше променет Уставот во 2001 година и тој договор е веќе дел од Уставот и секојдневно се имплементира, рече Груби. Додаде дека најпристојно, најдостојно место каде треба да припадне тој документ е во Државниот архив.
Директорот на Државниот архив Емил Крстески се осврна на значењето на нивната институција, во која се чуваат значајни документи за нашата историја, култура и традиција, почнувајќи од 13 век, од кога датира и најстариот документ.
-Оригиналниот документ на Охридскиот договор е значаен договор за нашата земја и еден од документите од поновата историја, кој нуди големи перспективи за развој во секој поглед. Оригиналниот документ овде ќе го чуваме, ќе го дигитализираме и тој ќе биде транспарентен и достапен до секој оној што сака да се интересира за историјата и за неговите детали. Ќе биде зачуван како што треба по сите европски стандарди на еден државен архив, рече Крстески.
МИА