Кога беше мал постојано го поддржував, сега Димитријевиќ најмногу ме разочара, изјави Перо Антиќ – ММС
ММС

Објавено на: 08/9/21 12:48 PM

Кога беше мал постојано го поддржував, сега Димитријевиќ најмногу ме разочара, изјави Перо Антиќ

Новопечениот кошаркар на шпанска Валенсија и со сигурност еден од најдобрите македонски поединци во моментов, Ненад Димитријевиќ, реши да не одговори на повикот на селекторот на кошаркарската репрезентација, Драган Бајиќ, во пресрет на претквалификациите за Светското првенство во 2023 година.

Раководството на КФСМ, предводено од претседателот Перо Антиќ, изрази огромна разочараност од ваквиот потег на популарниот Нено.

-Кажавме на стартот дека нема да одиме на суспензии, сакаме играчите самоволно да дојдат да играат за репрезентацијата. Најмногу сум разочаран од Димитијевиќ, бидејќи уште кога беше мал постојано бев зад него и го поддржував. Како личности, а и како федерација, мислам дека не заслуживме ваков однос од него. Зборувавме со ФИБА, имаме дисциплински правилници и ќе постапуваме според нив, изјави Антиќ на денешната прес-конференција, а пренесува „kfsm.mk“.

Поранешниот НБА играч на Атланта Хокс и освојувач на Евролигата со Олимпијакос, му посака среќа на селекторот и целиот тим пред почетокот на турнирот на 12-ти август годинава.

Нашите кошаркари ќе се соочат со Швајцарија и Словачка, а првите две репрезентации ќе обезбедат место во главните квалификации за кошаркарскиот мундијал во 2023 година.

 

 

Фото:

peachtreehoops.com