Нема поубаво чувство од тоа да сакаш и да бидеш сакан – Петар Маркоски со каверите на виолина шири љубов и светот го запознава со убавините на Охрид – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/21 7:00 PM

Нема поубаво чувство од тоа да сакаш и да бидеш сакан – Петар Маркоски со каверите на виолина шири љубов и светот го запознава со убавините на Охрид

Во последно време сведоци сме како се поголем број на светски познати хитови звучат во кавер верзии, независно од тоа дали ќе бидат отпеани на некој автентичен начин на изведувачот или пак ќе бидат отсвирени на инструмен, за кој ниту на крај памет би ни текнало дека некоја песна во модерен звук ќе звучи одлично доколку биде, на пример, отсвирена и на виолина.  Такво момче е Петар Маркоски, кое потекнува од Охрид и кој изминативе години на неговиот Инстаграм профил и Јутјуб канал споделува кавери на светски познати песни отвирени на виолина, поткрепени со видео приказна, и сето тоа како пакет изгледа и звучи одлично.

Маркоски јавноста го запозна на шоуто за таленти „М2 потрега по ѕвезди“ како солист, но изгледа дека виолината многу подобро „му легна“, а тоа е така затоа што со неа се дружи уште од седум годишна возраст.

„Виолината е мојот прв инструмент кој почнав да го изучувам на седум години во основното музичко училиште „Методи Патчев” во Охрид, така да може да се каже дека е дел од мене цел живот. Во средношколските денови основавме рок бенд каде бев водечки вокал и почнав да учам акустична гитара, па така виолината замина на пауза. Од тој момент почнав се повеќе да се посветувам на пеењето, да снимам музика и во 2011 година се пријавив на тогаш популарното шоу „М2 потрага по ѕвезди”, каде постигнав значителен успех, бев во најдобрите 10 учесници. Стекнав големо искуство, запознав прекрасни луѓе, денес мои колеги од естрадата и научив многу работи кои ми користат до ден денес. Во последните две-три години почнав полека да се враќам назад на виолината, за денес да ми стане веќе и примарна“, вели Петар за ММС.

За да ја одбере виолината и да стане негов омилен инструмент, влијание имала неговата баба, но поддршка имал од неговите родители .

„Најголема желба да учам виолина беше на мојата баба, таа ме запиша во основно музичко училиште и секогаш ми викаше- “Ако пееш и свириш гитара синко, ама земи виолинчето да одсвириш нешто, да те слушам и да уживам”. Поддршката од моите родители ја имам цел живот, и за тоа сум бескрајно благодарен, тие ми беа и ќе ми бидат столбови во сите тешки моменти и пријатели за среќни мигови.  Иако никој од моите не свири инструмент, сепак обожаваат музика, сакаат да запеат. Пораснав слушајќи песни на Хулио Иглесиаз, Дин Мартин, Френк Синатра, Елвис Присли, и многу други артисти. Од секогаш сум сакал да одсвирам некоја забавна музика на виолина, настрана од класичната која ја изучувавме во основното училиште“, раскажа Петар.

Свирењето на секој следен кавер го гледа како предизвик, а со виолината, како класичен инструмент, на ваков начин станува се поблиску до помладата генерација воедно покрај модерната и класичната музика.

„Секогаш гледам на тоа како предизвик, интересно е да се одсвири рок или хип хоп на виолина, а да не зборуваме за прекрасните евергрини, романтични песни, каде инструментот ја менува цела димезија на песната, ја носи во друга насока, отвара нови хоризонти. Луѓето уживаат додека ги слушаат омилените песни,  одсвирени на виолина или некој друг инструмент. Дефинитивно се повеќе млади сакаат да изучуваат чело денес отколку пред 15 години, благодарение на 2 Cellos, за кои сум сигурен дека имале влијание.  Може да кажам дека не само помлади, туку и повозрасни луѓе ми пишуваат и прашуваат дали држам онлајн часови, инспирирани од мојата музика сакаат да започнат со изучување виолина“, изјави Петар.

Процесот на изборот на песна, музичката продукција и неговата објава, е процес, секој со своја тежина, но преточена во задоволство. Изборот  на песната обично е спонтан вели тој, за снимање во студиот потребно е само копчето „rec“, а доколку се снима видео запис во тој случај има повеќе подготовки.

„Изборот на песна често знае да биде спонтан понесен од енергијата на одредена песна, но исто така и со помош на моите пријатели кои редовно ми праќаат песни, секако и предлозите на социјалните мрежи. Доколку одлучам да се снима во студио тогаш нема многу подготовки, едноставно седнувам притискам “Rec” и се снима аудио и видео. Доколку се работи за видео запис, тогаш бара повеќе време. Некогаш се случува да одиме на локација, да не се погодат условите и да мора да си одиме без видео, често знаевме зимскиот период да заглавиме во снег, на високи места, да заборавиме клучен дел од опремата, па да не успееме да направиме ништо, но сепак тие мигови се тие што ја прават оваа работа интересна, посебна и оставаат многу спомени. Желбата да снимам музика секојдневно, покрај работата која ја работам во сверата на маркетинг, ме натера сам да ги совладам програмите за видео и аудио продукција што од друга страна ми помогна да можам да снимам музика често, брзо и ефикасно“, вели Петар.

https://www.youtube.com/watch?v=K1t949NEhHM

Одлуката дали ќе снима во студио или на локација најчесто зависи од тоа колку слободно време има, доколку го има малку повеќе секогаш одбира да снима на некоја убава локација. 

„Како што знаете јас сум од Охрид и живеам во Охрид, така да има премногу убави локации околу мене кои сакам да ги искористам за видео. Можам да кажам дека скоро 80% од луѓето кои ме следат на социјалните мрежи се луѓе ширум светот, кои го запознаваат Охрид и Македонија од моите видеа, затоа и преферирам да снимам на локации. Така би овозможил за сите кои не биле или не слушнале за Македонија да може да се запознаат со убавините кои ги поседуваме“, раскажа Петар, кој за коментарите на социјалните мрежи вели дека едноставно ја разбира моќта на музиката, која е универзален јазик на сите народи, дадена од Бог да не сплоти сите.

Во 2018 година Петар се појави и со песната „Una Signora” за која изработи одличен видео запис, но и нумера која одлично помина кај публиката. На прашањето дали ќе му се врати на пеењето тој вели  дека секогаш остава да биде понесен од одреден момент, па така ќе остави на времето да покаже.

Карантинскиот период, Петар го искористил за максимално да и се посвети на музиката.

„Периодот го искористив максимално за свирење виолина, и снимање музика. Практично можам да кажам дека за мене и не беше воопшто лош период, напротив неколку од моите видеа се најдоа на огромни Фејсбук страници каде достигнаа над 3 милиони прегледи и прекрасни коментари од луѓе ширум светот, што ми даде огромен мотив за да продолжам со работа“, изјави Маркоски.

https://www.youtube.com/watch?v=6DCVAt5uI8c

Кога мерките олабавија поканите за настапи вели ги има премногу не само во Македонија туку и многу од нив се за надвор од земјата, но одлучил оваа година да одмори и да се посвети уште повеќе на работата. Помеѓу поканите за настапи има и такви за прв свадбен танц.

„Да, како што напоменав предходно многу од поканите од Македонија беа за разни ивенти меѓу кои и свадби, но за жал неможев да ги прифатам оваа година. Пред да не зафати пандемијата често сум пеел на разни настани вклучувајќи и свабди, и тоа е прекрасно чувство бидејќи си дел од еден убав и свечен момент“, вели Маркоски.

А кога сме веќе кај свадбите, 2019 година тој ја објави запросувчката на неговата девојка  во Холандија. Деталите велат дека нема поубаво чувство кога делиш еден ист поглед кон животот со личноста која ја сакаш и почитуваш.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Petar Markoski (@petarmarkoski)

„Прекрасен момент во еден од најубавите градови во Холандија, градот Гитхорн, кој подсетува на Венеција. Нема поубаво чувство од тоа да делиш исти мисли, енергија, поглед кон животот со одредена личност, да бидеш и да ти биде поддршка 24/7, да бидеш сакан и да сакаш“, вели Петар.

Додека тој создава музика и прави планови со што следно да ја изненади публиката, уживајте во каверите на Петар Маркоски, кои се погодени за секоја доба од денот.

Г.Д