Утрово беше оддадена почит кон 10-те загинати бранители од Прилеп, кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година. Беше положено цвеќе пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје, а беше одржана и панихида.
На споменикот подигнат во чест на 10-те бранители во центарот на градот почит им одадоа и свежо цвеќе положија владина и воени делегација, од политичките партии,од семејствата на загинатите а денеска беа и претседателот Стево Пендаровски како и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.
Синоќа достојна почит им беше одадена и на споменикот во гарнизонот „Мирче Ацев“ од каде што тие тргнаа кон Тетово и на спомен обележјето кај манастирот Света Петка близу Лениште.
Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко, Љубе, Пеце и Марко длабоко ќе бидат впишани во поновата историја на македонската држава. На 8 август 2001 година десет резервисти на македонските безбедносни сили беа убиени во заседа кај месноста Карпалак, а тројца ранети кога конвојот од Прилепската касарна се движел кон Тетово. Но и по 20 години од конфликтот нема одговор на прашањето како се случи да загинат овие храбри прилепчани.
Лицата кои го преживеаја нападот се разочарани. Тие се пожалија дека државата ги заборавила луѓето кои ја бранеа земјата и дека за нив ништо не е направено во изминатите години.