Регистрирани нови обиди за опожарување во Кочанско – градоначалникот Илијев повикува на одговорно и совесно однесување
Во изминативе 24 часа во Кочанско е регистрирана појава на нови пожари во населбата Усова Чешма.
Територијалната противпожарна единица во два наврата добила дојава за интервенција на потегот од крајот на Усова Чешма на потегот кон Пресека. Според информациите од Единицата, постои сомнеж за подметнати пожари во дел што ги поврзува Кочани и Оризари, каде лесно може да се предизвика нова катастрофа, поради сувата вегетација комбинирана со шумски појас.
„ Повикувам на совесно и внимателно однесување на секој поединец. Добро е што на пожарите е интервенирано веднаш и успешно, зашто во спротивно би се соочиле со огромни последици. Сите носиме одговорност, затоа сите мора да бидеме на штрек. Ги повикувам надлежните служби на зголемена будност, навремена и брза интервенција, но и санкционирање,“ апелира Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Поради актуелната состојба со пожарите на сила е целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште. За непочитување на забраната се одговара согласно соодветната законска регулатива.