Не е мајка само да те роди, туку искрена љубов и срце да ти дари – Во спомен на кралицата, да беше жива Есма ќе наполнеше 79 години – ММС
ММС

Објавено на: 08/8/22 11:52 AM

Не е мајка само да те роди, туку искрена љубов и срце да ти дари – Во спомен на кралицата, да беше жива Есма ќе наполнеше 79 години

Има ли нешто што не се кажало или не се знае за кралицата на ромската песна, Есма Реџепова Теодосиевска?

Заслужи многу, а доби- ништо!  Ниту и се исполни последната желба- да биде кремирана, ниту, пак, откако го испушти последниот здив не и се дозволи да почива во мир. Зарем Есма тоа го заслужи? Секако дека не, но ја имала таа несреќа да се роди тука, а не во нормална земја.  Споменот за Елвис Присли се чува, како и за многу други светски ѕвезди. Но, за да не одиме подалеку, ќе го споменеме Тома Здравковиќ, за кого се снима филм.

Да стане да си го види домот пак ќе посака да умре- Шест години од смртта на кралицата Есма, години пустош со оставштината и споменот

А за Есма едвај споменик се направи, музејот кој гордо кажуваше дека го остава на државата е опустошен и претворен во руина, а да биде уште потажно фустаните кои ги носела пред светски лидери и со кои на ревии собираше хуманитарна помош, исчезнаа. Оваа лавица, и во животот и во хороскоп, тие што ја познаваат знаат дека ако беше жива и ако го видеше ова ќе речеше: Абе пиле, голема срамота е ова!

И срамота е, голема срамота. Ама кому му е гајле за тоа, освен на Есма која цел живот се чуваше грижливо за еден ден кога ќе ја нема неа, ќе има музеј, за да се види што таа и Стево направиле во животот. Направија многу ама за кого?

Ова не е прв пат кажано, од 2016 откако почина на 11 декември се многу зборувало ама ништо. Што не е ни чудно. Затоа на денешен ден, на нејзиниот роденден, нема да се зборува за нејзините достигнувања и за тоа каков човек беше, како што вообичаено се кажува во вакви моменти. Сеќавањата за неа се големи, остави доволно зад себе, многу повеќе од музеј, споменик или украдени фустани, чешми, троседи, маси, па и тоалетни школки од бедни души.

Во нејзина чест уште еднаш да се потсетиме на нејзината „Зошто си ме мајко родила“ или „Чекај животе, ми се живее“ иако има уште стотици и стотици кои се пеат и ќе се пеат. И на една песна што утрово ја постираше На фејсбук нејзиното последно од многуте деца, Симеон Атанасов.

ПЕСНА ЗА МАЈКА ЕСМА
ДАЛЕЧНАТА 84-та ГОДИНА
КАЈ НЕА МЕ ОДНЕСОА
СО МИЛ ПОГЛЕД ТАА МЕ ПРЕЧЕКА
КАКО ВИСТИНСКА МАЈКА МЕ ПРЕГРНА
МНОГУ ДЕЦА ИЗРАСНА ТИ
ВО ВИСТИНСКИ ЛУЃЕ НЕ ПРЕТВОРИ
НЕ Е МАЈКА САМО ДА ТЕ РОДИ
ТУКУ ИСКРЕНА ЉУБОВ И СРЦЕ ДА ТИ ДАРИ
ПЕСНИТЕ НАШИ СÉ УШТЕ СЕ ПЕАТ
“БОЛНА ЛЕЖАМ” И “ЧЕКАЈ ЖИВОТЕ” НА ВЕСЕЛБИ ЕЧАТ
“МАНГАВА ТУТ” СЕКОГАШ СЕ СЛУША
СО “ЧАЕ ШУКАРИЕ” СЕ СÉ ЗАВРШУВА
ПРОСТИ МИ МАЈКО МИЛА
ЖАЛАМ ШТО НЕМАМ МОЌ И СИЛА
ДА ЈА ИСПОЛНАМ ЖЕЛБАТА ТВОЈА
ЛЕСНА ДА ТИ Е ЗЕМЈАТА ТВОЈА