Треба да се биде човек, да се помогне – Семејството Пармачки од Будинарци им подаде рака на пожарникарите, војската, полицијата и сите кои помагаа во гаснење на пожарите – ММС
ММС

Објавено на: 08/8/21 9:47 AM

Треба да се биде човек, да се помогне – Семејството Пармачки од Будинарци им подаде рака на пожарникарите, војската, полицијата и сите кои помагаа во гаснење на пожарите

Не џабе рекле дека не е важно од каде си туку каков си. Во денешно време е многу тешко да се биде човек, во вистинска смисла на зборот, кога иако треба луѓето да се делат само на добри лоши, сепак, поделени се на граѓани и селани, на богати и сиромашни и на еден куп други малограѓански и исфрустрирани делби.  Но, за среќа, има луѓе, кои и покрај се се добри и хумани и во целост ја потврдуваат изреката „На маката се познаваат јунаците“ или „Помогни му на човек кога му е тешко, кога му е добро сам ќе се снајде“.

Токму таква е приказната на ММС за семејството Пармачки, од беровското село Будинарци, кое неделава ги живее најпеколните денови во Малешевијата, каде беснеат пожари. И покрај тоа што живеат во страв, неизвесност и исчекување, сепак, човечношта, која ја носат во нивното срце не исчезнала. Јованчо и неговата сопруга Анита, имаат маркет во селото и гледајќи ги изморените пожарникари, војска, полиција и други луѓе кои секојдневно се борат со огнената стихија, решиле да им се најдат, па од нивниот маркет „Анита Мат-Ел“ , кој ги содржи имињата на семејството на Јованчо, сопругата Анита, синчето Матеј и ќерката Елеонора, секој ден им давалае вода сокови и други потребни намирници без да им наплатат. А можеле да им наплатуваат дупло или тродупло, како што сме сведоци на безобразните профитери во вакви кризни ситуации. Како на пример на почетокот на пандемијата кога лимоните, маските и еден куп други работи кои беа ептен потребни за здравјето на луѓето, нивната цена ненормално се зголеми. Место да бидат профитери Јованчо и Анита решиле да бидат хумани.

 

Еве ја нивната приказна, која ја раскажаа за ММС.

-Зошто да ги зголемиме цените, па треба да се помогне, да се биде човек. Деновите се многу тешки и неизвесни. Пожарите не само во беровско, каде е и нашето село, не се изгаснати во Малешевијата. Има и лажни тревоги за пожар.  Вчера рекоа дека над селото гори плевна, се стрчавме сите ама за среќа беше лажна тревога. Сите живееме на штрек. И ние жителите и сите што дојдоа да помогнат. А има многу  војска, полиција, луѓе. Има само од Австрија 120 пожарникари.  За среќа овде околу нас, бидејќи ние припаѓаме под Берово нема изгорено куќи, ги спасија, но многу борова шума изгоре, вели Јованчо.

Будинарци се наоѓа на десетина километри од Берово, а семејството Пармачки тука живее одсекогаш, па и покрај се нема намера да се пресели во град.

-Јас работам како возач во Брза помош во Берово, а за маркетот, кој го имаме веќе пет години, се грижи сопругата Анита.  Тешко е да се има маркет во село, нема луѓе, многу луѓе се иселија. Не знам колку вкупно има селото, но за избори, за гласање мислам дека има околу 500 луѓе. Маркетот е класичен и како за ваков крај мора да има се во него, вели Јованчо и додава:

-Луѓето со денови се тука, многу се изморени, па јас и сопругата решивме да им се најдеме, да им  даваме сокови, води и уште што им треба. Но, од вчера има и донации кои пристигнаа за нив. Има и сендвичи и вода. Со сопругата деновиве ги гледавме колку се растрчани и пожртвувани  и одлучивме да им се најдеме колку што можеме. Навистина ни падна жал. Ние почнавме да им даваме да се освежат, а потоа и донациите ги остава тука за да им ги подадеме.  Жешко, тешко и лошо. Тоа можам да кажам. Во петокот беше страшно, многу гореше и имаше опасност да се запали селото,  а ние сме едно од најгусто населените села во Малешевијата. Не ни е лесно и на нас, а не им е лесно и на нив. Страшно е навистина. Па 2-3 дена немаше кој да го изгаси. Да, беше на непристапен терен, но беше многу мал. А после тоа отиде се во бестрага. Навистина многу лошо, вели Јованчо, кој е и претседател на месната заедница.

Малешевијата ги живее најтоплите денови, што не е вообичаено за овој крај да има толку високи температури. Неизвесноста ги демне, но Јованчо и сопругата и покрај се решиле да не се селат од тука и со семејството да го градат животот во ова село.

-Мајка ми и татко ми живеат тука. Чуваат овци, имаат над 80 грла сортни овци. Јас и спругата сме во брак 15 години и кога се земавме одлучивме да си остганеме тука. Имаме две дечиња од 11 и 13 години. Никогаш не сме помислиле да побегнеме од селото, сакаме тука да ни растат децата, вели Јованчо.

Весна Миленковска