ЦУК: Се уште активни пожари во Делчевско, Скопско, Прилепско и Кумановско, во Беровско ставен под контрола – ММС
ММС

Објавено на: 08/8/21 8:49 AM

ЦУК: Се уште активни пожари во Делчевско, Скопско, Прилепско и Кумановско, во Беровско ставен под контрола

Пожарот во атарот на Делчевско е активен при што се појавиле нови жаришта и тоа едното кај селото Разловци, а другото кај селото Нов Истевник. Се преземаат активности за надминување на состојбата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) во извештајот за состојбата со пожарите во земјава во 8:00 часот.

Оттаму нагласуваат дека според известувањето од ТППЕ Берово, сите пожари на беровска територијата се локализирани и ставени под контрола, а во текот на денов ќе се догасува на ризичните места.

„Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје, со 5 пожарникари и 2 ПП возила, од 15:30 часот интервенираат на гасење на мешана шума во село Раовиќ, Општина Сарај, а со 5 пожарникари и 2 ПП возила интервенираат на запалена дабова шума во село Дивље и местото викано Крушје во Општина Петровец. Овој пожар беше и кај село Џидимирци, Општина.Велес, каде е локализиран,“ соопшти ЦУК.

Во Општина Прилеп, се додава во соопштението, пожарот во атарот на селата Дрен – Смолане во моментот е ставен под контрола. Во гаснењето на пожарот интервенирале ТППЕ Прилеп 9 пожарникари, Затвор Прилеп 12 лица, ДЗС Прилеп и Битола 13 лица, АРМ 20 припадници, Шумско Прилеп 6 лица и месно население 1 човек. Од утринските часови на терен се ТППЕ Прилеп со 10 пожарникар со 2 ПП возила.

Пожар има и во атар на селата Жељувино и Дренок во Општина Старо Нагоричане. Интервенирале ТППЕ Старо Нагоричане со 4 пожарникари со теренско возило со цистерна, ТППЕ Куманово со 3 пожарникари и 1 ПП возило, ШС Куманово со 4 лица и 5-6 лица од месно население. Во моментов на местото нема оган и пламен, само има дим.